Во сабота, 14 септември, на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ и на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“, во периодот од 11-13 ч. тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид ќе презентираат знаења и техники за укажување прва помош при различни повреди на спортски натпревари, тренинзи. Со овие активности Црвен крст Охрид се приклучува кон одбележување на Светскиот ден на првата помош кој годинава е на тема „Прва помош и спортски активности-подготви се и укажи помош“.

И оваа година со посебно внимание се фокусираме на одбележувањето на овогодинешниот Светски Ден за Прва помош,  ден за промовирање на знаењата и вештините за првата помош, со акцент на спортските активности. Спортот не е само извор на радост и забава, туку арена каде што поединците ги предизвикуваат своите физички граници, поттикнуваат другарство и промовираат вклученост во заедницата. Динамичната природа на спортот ги изложува поединците на различни ризици и повреди, вклучително и исчашувања, фрактури, потрес на мозок и многу други повреди, потенцираат.

Истакнуваат дека темата ја нагласува критичната улога што може да ја има првата помош во спортските средини обезбедувајќи ја безбедноста и благосостојбата на спортистите, гледачите и заедниците ширум светот.

На овој ден својата хуманост ќе можат да ја искажат и сите наши сограѓани кои имаат желба и потреба да даруваат крв на крводарителската акција која во организација на Црвен крст Охрид ќе се одвива во Центарот за култура „Григор Прличев“ во периодот од 10 – 14 ч., под мотото ДАЈТЕ КРВ! РАЗУБАВЕТЕ ГО ДЕНОТ СЕБЕ СИ И НА ДРУГИТЕ!, велат од Црвен крст Охрид.

Додаваат дека една од нивните приоритетни заложби е токму ширењето на знаењата и вештините за укажување на прва помош со цел тие да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт кој ги овластува  луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од  нагло настанати заболувања или повреди.

Првата помош претставува витална иницијална интервенција која помага во намалување на повредите и зголемување на шансите за преживување во настанатата ситуација во која животот на поединецот или група на луѓе е во опасност. Секоја година на милиони луѓе им е нанесена повреда или им е одземен животот поради несоодветен одговор или недостаток на навремено укажана прва помош. Ситуацијата би можела значително да се промени доколку повеќе луѓе се свесни за значењето и правилно се обучени за укажување на прва помош, истакнуваат.

Потенцираат дека поседувањето на вештини за укажување на прва помош ги зголемува индивидуалните капацитите на секој човек за преземеање на брза акција со цел намалување или стабилизирање на сериозни повреди и ги зголемува шансите за преживување на повредениот.

OhridNews