Во рамки на програмските активности за развивање на креативниот дух кон развој и подигнување на свеста и учество во хуманоста со промоција на хумани вредности и делотворност кај целата популација, особено кај младите и децата во нашата потесна и поширока заедница, Клубот за грижа за стари лица при Црвен крст Охрид објавува литературен и ликовен конкурс на тема „Духот на хуманоста“.
На конкурсот може да учествуваат учениците од основните и средните училишта на општините Охрид и Дебрца и друга популација со поезија, проза и ликовна уметност, информираат од Црвен крст Охрид.
Ликовните и литературните творби, додаваат, може да се доставуваат во просториите на Црвен крст Охрид, ул. Димитар Влахов бр. 52, или да се испратат на е-маил: [email protected], најдоцна до 06 мај 2023 година.
Доставените творби ќе ги разгледува и оценува комисија и наградените творци по категории: прво до петто одделение; шесто до девето одделение и средно образование и други ќе се објават на 10 мај 2023 година, а ќе се доделат свечено на 15 мај 2023 година, потенцираат.
Истакнуваат дека творбите треба да бидат потпишани од авторот со податоци за име и презиме, возраст, училиште-одделение/клас, контакт телефон и адреса на живеење.
OhridNews