Во чест на Анри Динан, основоположник на идејата за движењето на Црвениот крст, кој е роден на 8-ми мај 1828 година, овој ден се одбележува како Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а неделата од 8-ми до 15-ти мај, како „Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина“.

По тој повод, Црвен крст Охрид се вклучува во глобалната кампања на Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина која се одвива под мотото „Од срце“.

Во тие рамки ќе бидат организирани бројни активности. Во саботата, на 6-ти мај се одржа Општински натпревар по прва помош на Градскиот плоштад во Охрид. За денеска од 10 часот е предвиден „Отворен инфо ден“, односно прием во седиштето на Црвен крст Охрид за децата од предучилишните установи и учениците од основните училишта во Охрид, каде преку промотивни материјали и видео проекции ќе се запознаат со мисијата на движењето на Црвениот крст, со активностите и како се станува волонтер на Црвен крст. Во 11 часот ќе биде положено свежо цвеќе на бистата на Анри Динан, пред седиштето на Црвен крст Охрид, а од 8-ми до 15-ти мај ќе се одржат работилници за дисеминација-ширењето на знаењата за Црвениот крст со волонтерите на Црвен крст Охрид, велат од организацијата.

OhridNews