Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) информира дека го заврши геофизичкото скенирање на предисториски локалитети во Охридско-преспанскиот регион и Пелагонија. Скенирањето се извело на неколку неолитски, енеолитски и бронзенодобни тумби и палафити, при што е направен увид во просторното уредување на овие населби.
Резултатите од истражувањата покажаа дека тумбите и наколните населби се подеднакво опкружени со ровови и имаат линеарен распоред на градбите. Тоа дополнително ја потврдува комплексната организација на предисториските локалитети и овозможува подобро разбирање на архитектурата, просторното планирање и општествените процеси во различни етапи на овој период, посочуваат од ЦИП.
Во текот на изминатите години, ЦИП има скенирано дваесетина предисториски населби, што овозможува нивна трајна заштита и прецизно планирање на идните истражувања.
Со помош на примената на геофизичкото скенирање се добиваат егзактни податоци за позицијата на архитектонските обележја присутни на локалитетите. На тој начин, се обезбедуваат информации со што ќе се оневозможи нивно оштетување или пак, може да се предвиди нивно прецизно истражување во иднина, додаваат од ЦИП.
Геофизичкото скенирање на предисториските локалитети во југозападниот дел на Македонија е подржано од Министерството за култура и Фондацијата за проучување и заштита на тумбите. Носител на проектот е Центарот за истражување на предисторијата, а скенирањето е направено во соработка со Завод и музеј – Охрид, Завод и музеј – Битола, Завод и музеј – Прилеп и Принципат од Краков.
OhridNews