Централниот регистар на Република Северна Македонија вчера го избриша од регистарот бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола, по одлуката на Министерството за правда донесена врз основа на добиеното мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности.
Комисијата за употреба на имиња на личности се изјасни дека именувањето на здружението „Ванчо Михајлов“ е провокација за националните чувства на македонскиот народ имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество.
Согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови беа обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето за пререгистрација истече на 16 февруари.
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека одлуката на властите во Северна Македонија да го избришат од регистарот бугарскиот клуб во Битола е израз на немоќ и паника.
Оваа вест одекнува лошо во ЕУ. Властите во Република Северна Македонија мора конечно да признаат дека има македонски Бугари и бугарско присуство во РСМ, не од денес и вчера, туку со векови – 1300 години. Бришењето на имињата на бугарските клубови нема да ја избрише цврстата определба на Бугарија, европските институции и нашите европски партнери, РСМ да ги впише Бугарите во Уставот. Ова е почетна точка за интеграција на нашиот сосед во ЕУ, изјави Радев пред почетокот на состанокот на Европскиот совет во Брисел.
OhridNews