Организациите регистрирани согласно со одредбите на Законот за здруженија и фондации кои нема да ги усогласат имињата и дејноста, се бришат од Регистарот, соопшти денеска Централен регистар.
Согласно измените од Законот за здруженија и фондации бр.239/2022, здруженијата се должни во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат своето име и/или назив, скратено име, програма, цели и дејности, согласно со одредбите од Законот за здруженија и фондации. Рокот за усогласување истекува денес – 16.02.2023, велат во соопштението.
Организациите регистрирани согласно со одредбите на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ број 52/10, 135/11 и 55/16), кои нема да ги усогласат името и/или називот, скратеното име, програмата, целите и дејностите се бришат од Регистарот врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда по претходно добиено негативно мислење од Комисијата. Одлуката за неусогласеност од страна на Министерството за правда се донесува во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, потенцираат.
Воедно информираат и дека до Централен регистар на ден 10.02.2023 година е доставен Допис со наслов – Предмет: Барање за усогласување на работата на Здружение за афирмација на културните вредности на македонските бугари ЦАР БОРИС III Охрид со Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации( Службен весник на Република Северна Македонија број 239/2022).
На Допис – барањето од подносителот, Централениот регистар до подносителот на Дописот, достави Известување за поднесување на пријава и прилози за соодветната промена согласно Законот за здруженија и фондации. Во текот на утрешниот ден, Централниот регистар ќе достави список на здруженија кои понатаму треба да бидат предмет на анализа од страна на Министерството за правда, додаваа.
Дополнително, Централен регистар, велат, ќе достави информација до Министерството за правда дали Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид постапило по Известувањето од Централен регистар, односно дали поднело пријава и прилози за соодветната промена согласно Законот за здруженија и фондации“.
OhridNews