Целосно се изработени проектите за пречистителни станици за македонскиот дел од Охридско Езеро, сега се потребни финасии за реализација, вели директорот на ЈП Колекторски систем Владимир Алексијоски на денешната прес конференција. Посочува дека со ова се решава деценскиот проблем за заштита на езерото.

Во соработка и со локалната и централната власт, но пред се со нашите потреби како јавно претпријатие, фирмата ИДОМ изработи за нас проекти за засебна пречистителна станица за с. Љубаништа, пречистителна станица за с. Радожда, нова пречистителна станица во Подмоље исклучиво за Охридскиот дел како и проект за реконструкција на постоечката пречистителна станица во Враништа. Овој горлив проблем со колекторскиот систем кој 40 години воопшто не беше одржуван конечно профункционира и конечно во ниту еден момент без разлика што сеуште не е одделена фекалната од атмосферската канализација согласно автоматиката која ја поставивме со сопствени средства, во ниеден момент немаме проблеми кои ги имавме децении нананзад, посочува Алексијоски.

Истакнува дека проектите се иразботени преку добиените грантови средства од Шпанската влада односно Министерството за труд економија и туризам во Шпанија по повик кој беше организиран во 2021 година и на којшто аплицирале заеднички со фирмата ИДОМ.

Овие проекти се комплетни до тендерска постапка и за истите сите анализи и подготовки беа изработени од ИДОМ во овие десет месеци во соработка и со наши фирми кои вршеа геолошки истражување и консулатции со сите претставници на локално и државно ниво. Беше формирана Комисија со претставници од локалните самоуправи на Охрид, Струга и Дебрца, Центарот за јавно здравје и Хидробиолошкиот институт кои вршеа верификација на извештаите од страна на ИДОМ. Проектите кои недостасуваа за цел овој период, проектите за најголемиот проблем загадувањето на нашиот бисер се спремни во иднина да бидат искористени и со тоа во целост да ја заштитиме целата македонска страна, потенцираше Алексијоски.

Додава дека изработен е и проектот за собирање на фекалната канализација од с. Елшани и нејзино приклучување во постоечкиот колекторски систем. Потенцира дека кај нас сеуште важи мислењето дека пречистителна станица покрај езеро не е возможно да има, но, вели, искуствата се сосема спротивни.

Самата географска положба не дозволува комплетно да се изгради цевковод од Свети Наум до Радожда и до во моментов Враништа, затоа се изработуваат нови засебни пречистителни станици. Втората причина за проекти за засебни пречистителни станици е тоа што во овие населени места голема е разликата меѓу летниот и зимскиот период. Најголемиот проблем на секоја пречистителна станица не е во изградбата, туку во понатамошното одржување и функционирање на самата пречистителна станица. Воопшто не е исплатливо да водата од Свети Наум и да можеше да се спроведе прку цевковод, сметките за електрична енергија ќе беа големи. Географски не постои можност цевководот да се изведе од Свети Наум до Радожда, истакнува Алексијоски.

Раководителот на тимот од фирмата ИДОМ, Даниел Гонзалез, посочува дека се очекува голем ефект од спроведување на проектот и подобрување на квалитетот на водата.

Водата би се користела за спорт, риболов, пливање, но да не заборавиме дека се потребни дополнителни анализи доколку би сакале да утврдиме дали водата би била достапна за пиење. Со овие проекти ја немаме таа анализа, но многу полесно би било да се направат тие анализи. Пречистителната станица за Враништа е со капацитет од 45 илјади жители, во Подмоље би се проектирала со капацитет од 75 илјади жители со цел да се превенира голем трошок за електрична енергија со нови препумпни станици и во Радожда и Љубаништа. Не треба да се земе предвид само населението во Охрид и Струга треба да се земат и предвид посетителите во летниот период. Би се подобрила ефикасноста со тоа што повеќе имаме препумпни станици преоптовареноста да се пренасочи и да се спречат дефекти. Да не се заборави и зимскиот период, како летниот така и зимскиот период да има една непречена работа без разлика на туристите и посетеноста, потенцира Гонзалез.

Беше посочено дека за помалите места капацитетот на пречистителните станици е околу од 2 до 5 илјади жители во летниот период затоа што во зимскиот период бројот на жители во овие населени места е помал.

Останува да се направи финансиска анализа за секој еден проект посебно што значи дали да бидат обезбедени средства од страна на државата преку Европски фондови и буџетски средства или можност за јавно-приватно партнерство во иднина доколку би се сложиле од Министерството за економија. Вредноста на сите проекти заедно изнесува 28 милиони евра, додава Алексијоски.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски