„Не замижувај и ти можеш да ја спречиш корупцијата – биди дел од прогресот на твојата држава“ е мотото на кампањата „Стоп за корупцијата“ што ја почна Царинската управа за зголемување на свеста за опасностите кои ги носи корупцијата со цел граѓаните или вработените кои ќе бидат сведоци на корупција или сомнителна активност, тоа да го пријават.

Во рамки на кампањата, почнувајќи од вчера до 17 август, на граничните премини ќе се делат брошури преку кои ќе се информира за начините за пријавување корупција, како и за штетните последици што ги предизвикува корупцијата.

Пријави на 197, отворена линија на Царинската управа. Корупцијата е двонасочна – и давање и примање мито е криминал. Поткопување на националната безбедност, даночни загуби и намалување на странските директни инвестиции се само едни од штетните последици што ги предизвикува корупцијата, се дел од пораките потенцирани во брошурата за кампањата.

Од Царинската управа информираат дека кампањата за подигнување на јавната свест за пријавување на случаите на корупција, судир на интереси и злоупотреба на службените должности од страна на царинските службеници ќе се спроведува во внатрешните испостави низ државата и на граничните премини Богородица, Ново село, Дојран, Табановце, Делчево, Блаце, Аеродром Скопје и Ќафасан.

OhridNews