На 2 април американскиот претседател Доналд Трамп и објави трговска војна на целата планета и најави царини, минимум 10 отсто за сите, а уште повисоки царини за околу 60 земји, меѓу кои и Македонија, кои ќе стапат на сила од среда, на 9 април. Тој воведе царини од 20 отсто за Европската унија и 34 отсто за Кина.

Европската комисија идната недела ќе усвои контрамерки како одговор на американските тарифи за увоз на алуминиум и челик, додека одговорот за воведувањето тарифи за автомобили и тарифите од 20 проценти за голем број производи ќе следи по дополнителна анализа и консултации со земјите-членки.

Кина веќе најави контрамерки, царини од 34 отсто на целиот увоз од САД, точно колку што Трамп ја одреди за царини за увоз на кинески стоки, што дополнително ја продлабочи кризата на светските берзи каде минатата недела, цените на акциите забележаа најголем неделен пад од корона кризата во 2020 година.

На Волстрит минатата недела, Dow Jones падна за 7,9 отсто, на 38.314 поени, додека S&P 500 потона за 9,1 отсто, на 5.074 поени, а индексот Nasdaq за 10 отсто, на 15.587 поени.

Околу 1.200 протести вчера беа одржани низ Соединетите Американски Држави против политиката на претседателот Доналд Трамп. Протестите беа организирани од продемократското движење како одговор на, како што го нарекуваат „непријателско преземање“ и напад на американските права и слободи.

Останува нејасно дали најавените тарифи ќе останат трајни или се дел од тактиката за добивање отстапки. Трамп рече дека царините ќе му дадат „голема преговарачка моќ“, додека во остатокот од светот владее неизвесност и загриженост.

Виктор Мизо –  потпретседател на Стопанска комора на Македонија, претседател на Советот на странски инвеститори и прв човек на Костал Македонија, во емисијата „Вин Вин“ емитувана деновиве, посочи дека европската автомобилска индустрија, ќе биде најмногу на удар од новите царини во САД, посебно германската која сочинува најголем дел од вкупниот извоз на автомобили од Европа во САД, но и дека сето тоа ќе се одрази и на Македонија.

Според анализите на Германската автомобилска асоцијација, од 28 милијарди евра кои Германија ги извезува, потенцијалната штета до крајот на годината ќе биде 11 милијарди евра за Германија, а Европа може да изгуби 30 000 работни места од автомобилската индустрија оваа година поради царините на Трамп. Што значи тоа за нас како Костал и за другите компании кои работат тука. Ако нашите клиенти во Европа се премиум производители на возила кадешто тој специфичен модел се продава во САД, секое возило увезено од Европа ќе претрпи зголемување на цената од 4 до 16 000 долари. Фолксваген ги стопира сите пратки за САД од Мексико и Европа и до 15 април ќе разгледуваат што ќе прават, а до крајот на месецот ќе утврдат ценовна стратегија. Зависно од моделот за кој ние работиме во Европа, компаниите кај нас можат да бидат афектирани во однос на работните места, предупреди Мизо.

Тој укажа дека новонастанатата ситуација може да креира намален број на нарачки од клиентите кон компаниите во Македонија, што значи намален обем на работа и намален извоз што, пак, може да влијае директно кон бројот на работни места.

Г.М.