Во рамки на својата дејност и надлежности за вршење на контрола на санитарно-хигиенскиот квалитет на површинската вода во Охридското Езеро, од македонска страна, како и водата во реките кои се вливаат во Охридското Езеро, од македонска страна, Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) Охрид, во периодот од 10 до 24 јули 2024 изврши узоркување и физичко-хемиска и микробиолошка анализа на преку 30 примероци на површинска вода, земени во крејбрежниот дел од Охридското Езеро-капалишта, на потегот од плажа Св.Наум до с.Радожда.

Резултатите од анализираните примероци на водата во крајбрежниот појас на Охридското Езеро, од македонска страна, делот кој најчесто се користи за капење, спорт и рекреација, во наведениот период се категоризира, хемиски на прва, а микробиолошки на одлично, што според соодветната законска регулатива, оваа површинска вода може да се користи за капење, спорт и рекреација, велат од ЦЈЗ Охрид.

Квалитетот на површинската вода од трите реки кои се вливаат во Охридското езеро од македонска страна, река Велгошка, река Коселска и река Сатеска, во месец јули останува непроменет како и во претходниот период-месец мај-јуни, односно реките се категоризираат, хемиски на втора/трета класа, а микробиолошки на незадоволително, односно на петта класа. Согласно постоечката законска регулатива, потенцираат, овие реки претставуваат загадувачи на Охридското Езеро.

Висока моќ на самопрочистување на Охридското Езеро придонесува, капалиштата, во најголемиот дел да ги задоволуваат законските прописи и норми за површинска вода која може да се користи за капење, спорт и рекреација. Апелираме до сите посетители на капалиштата и капачи да се придржуваат кон основните хигиенски норми и правила на однесување насочено кон зачувување на квалитетот на животната средина, посочуваат.

Центар за јавно здравје Охрид, додаваат, континуирано, во текот на летната туристичка сезона ја следи состојбата со квалитетот на површинската вода во Охридското Езеро и навремено и транспарентно ја информира јавноста за резултатите од извршените анализи.

OhridNews