По интервенцијата на екипите на ЈП Водовод за отстранување на дефектот на „Туристичка“ и почетокот на дистрибуцијата на вода, во некои делови од градот, по кажувања на жители, забележано е течење на заматена вода од чешмите.  Екипите на Центар за јавно здравје Охрид од раните утрински часови, денес, се упатија на терен со цел да се земат примероци на вода за пиење од градската водоводна мрежа на места во непосредна близина на случениот дефект и во пошироката околина.

Од првичните физичко-хемиски анализи на земените примероци на вода за пиење констатирано е дека сите испитувани параметри се во границите на законски пропишаните, дозволени вредности, вклучително и за параметарот матност. Во водата е констатирано и дезинфекционо средство што значи дека водата е превентивно заштитена од микробиолошко загадување. Резултатите од комплетната физичко-хемиска и микробиолошка анализа на земените примероци на вода ќе бидат готови во петок, 26.01.2024 г, велат од Центарот за јавно здравје Охрид.

Бидејќи екипите на ЈП Водовод се уште работат на санирање на последиците од дефектот на главната водоводна цевка, велат екипи од Центарот ќе продолжат континуирано да ја следат состојбата со квалитетот на водата во Охрид, со посебен фокус на мониторирање на параметарот матност и навремено ќе ја известуваат јавноста во случај на отстапувања на квалитетот на водата за пиење.

Апелираме до нашите сограѓани, во вакви и слични ситуации, кога ќе забележат заматеност на водата за пиење од чешмите, да не ја користат истата за пиење, се додека, после течење од 5-10 минути водата не се избистри. Доколку, после тој период на течење, водата од чешмата е сеуште матна, да не ја користат за пиење и да се обратат до ЈП Водовод Охрид или ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид, додаваат.

OhridNews