Кандидатот за градоначалник од ТМРО, Гоце Цветкоски вечерва одржа митинг пред охриѓани. Тој од населбата Видобишта порача дека народот бара правда и основни услови за живот. Вели дека граѓаните се соочуваат со многу проблеми кои треба да се решат, но во минатото властите не покажале волја за интересите на граѓаните.

Цветкоски вели дека Охрид е само почетокот од каде тргнува нивната битка за правда, и додаде дека со домаќинско и чесно работење, градот може да биде подобро место за живеење.

Властите работат само за свој интерес. Нашата судбина е врзана со нашето езеро, ние живееме во овој еко- систем и мора да се грижиме за него. Мора да создадеме иднина за нашите деца, да го спречиме иселувањето. Ќе направиме Охрид да биде најголем туристички центар и во лето и во зима, ќе поддржиме локални производи и брендови. Ќе работиме на промоција на земјоделието, ќе работиме да нема повеќе загадување, вели Цветкоски

Тој додаде дека неговата намера е  да се работи  во интерес на демократијата и на Охрид. Порача дека градот како најголем туристички центар треба да биде најбогат град во Македонија, а не место од каде се иселуваат луѓе. Според Цветкоски треба да се подобри квалитетот на живот, а не да се уништува за нечии лични интереси.

Јас планирам Охрид да биде еко град, целиот отпад да се рециклира и да се користи за производство на електрична енергија, сите јавни установи да имаат фотоволтаични панели и да се само-одржливи институции, да има субвенции и помош за земјоделието, да има помош за малите бизнис, да се стимулираат и промовираат локалните брендови, да се вработуваат луѓе, истакна Цветкоски.

Според него, Македонија е богата држава, но проблемот е во распределбата на пари. Потенцираше дека треба да се променат многу работи во системот кој е корумпиран, а со општински пари може да се направи Охрид да биде пристојно место за живеење. Цветкоски порача дека ќе има поголема искористеност на ИПАРД средства кои ќе се вложуваат во различни проекти. Според него, има многу инвеститори од дијаспората кои имаат желба да вложат во градот, но бараат сигурност. Цветкоски ги истакна и неговите планови како градот би станал туристичка дестинација 12 месеци во годината.

 

Можеме да покажеме како се работи чесно и со такво работење Охрид да стане најголем туристички центар 12 месеци. Треба да се инвестира во зимскиот туризам, а во пролет и во есен може да има фестивали на храна, фестивали на уметност, фестивали на нуракње, фестивали на култура и музика кој би траеле по месец дена, тогаш ќе има многу туристи во градот во овие мртви месеци, вели Цветкоски

Тој порача дека потребно е  да се направи индустриска зона за локалните бизниси во кои ќе отворат нивни погони и ќе вработат луѓе во кои општината ќе им обезбеди услови, воедно најави транспарентна и отворена оштина за сите, без канцеларии.

 

Ќе има една отворена канцеларија во Општината за се да биде транспарентно, нема повеќе криење по канцеларии. Нема повеќе да има отпуштања од работа наместо тоа ќе има стимулирања, специјализиција, преквалификација и ефикасно работење, заклучи Цветкоски. 

Тој ги повика граѓаните да гласаат доколку сакаат да се случи промена, за да се вратат вредностите кои биле изгубени, да заврши корупцијата и крадењето  на народни пари.

 

 

К.А.

Фото: А.Момироска