Актуелниот првак во македонскиот шампионат Вардар на стаклени нозе влегува во Новата 2021 година откако клубот се уште не ги исполнил обврските кон фудбалерите и стручниот штаб, како и заостанатите плати од минатите сезони.
Рокот е пробиен. Последен датум за исплаќање беше 31 декември 2020 година. Поранешниот сопственик Сергеј Самсоненко не го одржа зборот и го остави клубот во небрано, односно во безизлезна ситуација. Се појавија информации дека клубот ќе биде преземен од „Катар Ервејс“, но компанијата, како и Град Скопје бараат чиста сметка и исплатени фудбалери, тренери и заостанат долг.
Дека ситуацијата е комплицирана гласно говореше Александар Васоски кој „крена раце“ од Вардар и се пресели во Академија Пандев. По стапките на Васоски ќе тргнат Матеј Цветаноски и Дарко Мицевски, кои се наоѓаат пред трансфер во Албанија односно Босна и Херцеговина. За Цветаноски заинтересиран е тимот на Тирана, а, за Мицевски „загриза“ Борац Бања Лука.
„Црвено црните“ во зимскиот преоден рок најверојато ќе останат без Попзлатанов, Петровиќ, Велковски и Мартинага, кои среќата ќе си ја побараат во друг клуб.
И покрај проблемите Вардар имаше успешна полусезона во Првата лига, завршувајќи на петтата позиција со 25 бодови.
OhridNews