Холандскиот туроператор „Корендон“ објави дека до 1 јуни нема да има аранжмани и летови. Тоа, секако, ќе се одрази и на охридската ривиера. Синот деновиве веќе ме прашуваше: „Тато ќе одиме во мај или во лето во Македонија?“ Останав без одговор. И тој пратиТ светски вести. Свесен е што се случува по континентиве со кризава.
Како ќе е во следните месеци? Сите се навикнуваме на „новиот живот“. Дома сме во кафези. Со страв, нервоза. Други се релаксирани. И онака животот е еден голем отворен крај. Стануваме креативни со клипчиња по социјалните мрежи, со пораки, разни смешки и фотографии. Некои играат стари игри дома: карти, шах, коцки. Други читаат книги, гледаат филмови, разгледуваат албуми со стари фотографии извадени од некој пакет полн со прашина. Чистиме дворови, соби, куќи, средуваме бавчи. Сите се снаоѓаме на свој начин. Старите, пак, мудруваат: „Е порано јадевме само леб и шеќер. Немавме ништо и преживеавме тешко време“.
Цели земји во светот се заклучени. Тишина по улиците. Јас со години, без разлика во кој период од годината користам одмор во Македонија, уживам во тишината на Охрид. Најубав охридски момент: станувам во 5 часот, излегувам, пешачам во мир низ градот, секој ден друга дестинација. Од сите агли гледам татковци и мајки кои одат на работа. Покрај кејот ги поздравувам секогаш истите фаци. Претежно повозрасни луѓе. Чичкото со две страшни кучиња со маски. Не знам како се викаТ ама стално се гледаме. Дедо со тренди тренерки, пешачи секое утро со исто темпо, во ист роботски стил. Пензионери и средовечни луѓе, пред педесеттата, како мене, се повеќе гледам последните години како пешачат наутро. Сите уживаме во таа тишина пред да се разбуди целиот град. Таман кога почнува да се буди, ние сме веќе дома и одмараме. Го чекаме следното утро.
Ги трпам, ама не можам да поднесам огромен број на туристи, кои се движат низ Охрид. Се губи секаква автентичност како што се приближува градот кон „супер-маркет туризам“. Не можам да ја слушам таа луда бучава од сите концерти во Охрид. Една од најголемите иритации ми е гужвата. Ја има насекаде, во чаршијата, на плажа, по цркви, по ресторани, на забави, свадби, слави, родендени, крштевки, во кафетерии, на кружно, паркинзи… Долго чекање на такси, гужви по улици, блокирани тротоари, гужви по шалтери и безобразни поединци кои прескокнуваат ред. Секаде онаа позната нервозна гужва, балканска нестрпливост. Ми се ежи кожата од овие сцени. Се трудам што повеќе да ги одбегнувам овие гужви. Затоа сам си креирам тишина.
Ама во оваа корона-блокада ми недостасува таа охридска летна шема со гужви. Сега сакам гужвите да се вратат. Сакам да играм на селски слави, да се фатам на оро. Да славам 1 Мај, Илинден. Да лежам на плажа. Да заглавувам во колони од Пештани до Охридска банка. Да се ТрчаТ во Охрид. Да се нервирам за паркинг, да се туркаме како мравки низ чаршија. Да нема слободна маса во ресторан. Мразам пушење по кафичи и ресторани, ама сега сакам да сум во весело друштво во тие загушливи простори. Да се уништиТ ова коронава.
Моментално сите на свој начин ги туркаме деновите. Најважно е здравјето, како секогаш и секаде. Да се грижиме самите и да не ги заборавиме другите околу нас. Заедно мораме да го победиме коронавирусот. Да ги почитуваме правилата и строгите прописи. Без паника. Во ваков хаос секој е експерт за се. Да ги слушеме главните вирус-експерти и сакале или не треба правецот од владата да се следи. Неколку пати гледање и читање вести е доволно, добро за душата и мозокот. Правилата се јасни за сите, само треба да се почитуваат.
Во ова стресно време, јога момент, сите малку застанавме. Можеби тоа е најголемото, неочекувано богатство во целата оваа ситуација. Сите се рестартираме во мозокот, време за оставање на работите во иднина: CTRL+ALT+Delete. И после ова се одново, со чисти души и односи да продолжиме со животот. Во гужви.
Влатко Амстердам
*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите