Владата денеска го усвои вториот извештај на Комисијата за давање согласности за организирање настава со физичко присуство во училиштата за барањата на основачите, во кој само уште едно подрачно училиште од Охрид доби зелено светло.
Со одлука на Комисијата, на ОУ „Св. Климент Охридски“ – подрачно училиште во населбата Далјан, се дава согласност за реализирање на настава со физичко присуство за учениците од четврто одделение.
Истовремено, поради актуелната состојба со Ковид 19 одбиени се барањата за организација на настава со физичко присуство на сите четири средни училишта во градот: Гимназија „Св. Климент Охридски“, ОТУ „Ванчо Николески“, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и Економското училиште „Св. Кирил и Методиј“.
Влата одобри организација на продолжен престој на учениците во основните училишта за одделенијата кои ќе започнат настава со физичко присуство, со препорака продолжениот престој да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.
Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести да отпочнат со работа дневните центри за лица со попреченост со стриктно почитување на мерките и веќе усвоениот протоколот за работа на дневните центри во услови на епидемија со Ковид 19.
На денешната седница е усвоен и протоколот за работа на игротеките во услови на епидемија со Ковид 19 и препорача строго почитување на мерките за спречување на ширење на КОВИД-19 инфекцијата и усвоениот протокол при вршење на дејноста. Одговорноста за целосно спроведување на одредбите од протоколот е обврска на вршителите на дејноста.
Г.М.