На територијата на Општина Охрид активен е мобилен тим на Црвен крст Охрид за поддршка и помош на стари лица на возраст над 65 години, кои имаат потреба од набавка на основни животни производи, а не се во можност тоа сами да го направат, информираат од општинската организација.
На барање на нашите постари сограѓани, мобилниот тим на Црвен крст Охрид, еднаш неделно ќе врши набавка на прехранбени производи, средства за хигиена, лекови и сл. и ќе ги доставува набавените производи до домовите на граѓаните кои побарале асистенција. Граѓаните со сопствени средства ќе го надоместуваат трошокот за набавените производи, а услугата на тимот за набавка и достава на производите е бесплатна, велат од организацијата.
Посочуваат дека услугите на мобилниот тим ќе бидат достапни секоја среда од 10 до 16 часот.
Нашите сограѓани, на возраст над 65 години, на кои им е потребна поддршка од мобилниот тим, можат да се јават во Црвен крст Охрид, секој работен ден од 9-15 часот, на еден од телефонски броеви 046 261 909 или 070 315 309, за да ги остават потребните податоци, додаваат.
Мобилниот тим на Црвен крст Охрид, за поддршка на стари лица го сочинуваат волонтери на Црвен крст Охрид, а поддршка за активностите на овој тим е обезбедена од Општина Охрид, во рамките на проектот „Заедно – активни и солидарни“.
OhridNews