Пандемијата предизвикана од коронавирусот Ковид 19 забавува, но не запира. Во светот заклучно со 24 мај, официјално се регистрирани 5.462.859 заразени, 345.409 починале, а 2.286.821 оздравеле. Црната листа ја предводат САД, каде само во текот на изминатото деноноќие се регистрирани над 400 смртни случаи и 9052 новодијагностицирани, со што бројот на заразени во земјата се искачи на 675.880. До сега во САД од Ковид 19 починале 99.003 лица, а оздравеле 451.124 оздравени. Следи Бразил со 354.460 случаи, 7062 во изминатото деноноќие. Бројот на починати во оваа земја се искачи на 22.412 откако вчера беа регистрирани уште 399 смртни случаи.

Во регионот, Црна Гора прогласи победа над коронавирусот, откако веќе дваесет дена нема регистрирано нов случај. Оваа земја официјално има и најмалку регистрирани случаи на коронавирус – 324 и само 9 смртни случаи, што е исто така најмалку во регионот. Србија и Македонија, пак, имаат најмногу новодијагностицирани изминатото деноноќие. Северниот сосед вчера ресгистрираше 67 нови случаи со кои бројот на заразени во земјата се искачи на 11.159. Во Србија до сега се регистрирани 238 починати од Ковид 19. Во Македонија изминатото деноноќие беа регистрирани 37 нови случаи, а вкупно 1978 од почетокот на пандемијата. Бројот на починати е 113, а на оздравени 1422.

За разлика од Србија и Македонија, во земјите од опкружувањето вчера беа регистрирани значително помалку нови случаи на коронавирус. Грција пријави само 2 нови случаи (вкупно 2878), Бугарија 19 (2427), БиХ 10 (2401),  Хрватска 1 случај (2244), а Словенија ниту еден (1468). Во Грција до сега починале 171 лице, во Бугарија 130, во БиХ 144, во Хрватска 99, а во Словенија 107 лица.

Земјите од регионот различно се справуваат со корона кризата. Македонија и Србија имаат меѓу најрестриктивните мерки, со строги ограничувања на движењето и забрана за работа на голем број дејности. Дали и колку тие се почитуваат е голема дилема, со оглед овие две земји имаат значително повисок број новодијагностицирани во споредба со соседите. Дел од нив, пак, се подготвуваат за отворање на границите и старт на летната туристичка сезона, под посебни мерки, како што се Грција и Хрватска, а рестарт на туризмот најави и Бугарија.

Г.М.