Пишува: Мишо Јузмески
Во оформувањето и историскиот развој на црквата на Светата Мудрост, којашто е попозната како „Света Софија“ (грчки: αγία σοφία=света мудрост), значајна улога одиграла и нејзината местоположба. Црквата е поставена во подножјето на еден амфитеатар од куќи што се распослани помеѓу ридот и езерото. Местото претставува природен крстопат и тоа отсекогаш му давало привлечност за изградба на храмови.
Северната страна на црквата Св. Софија
За подигнувањето на „Св. Софија“ и нејзиното рано минато не се откриени пишани податоци. Според еден ракопис од Националната библиотека на Франција во Париз, живописувањето било извршено под управата на архиепископот Лав. Според тоа, црквата би била подигната во времето на неговото управување со Охридската Архиепископија, некаде помеѓу 1037 и 1056 година.
Во потрага по информации за минатото, во црквата и околу неа во повеќе наврати се извршени обемни археолошки ископувања. Притоа на виделина се изнесени бројни материјални докази кои го потврдуваат богатото минато на просторот околу сегашната црква. Археолошките истражувања покажуваат остатоци од неколку значајни историски периоди.
Прва фаза. Во 2-от и 3-от век тука постоел пагански храм. На 3,8 метри под нивото на денешната црква лежат остатоците од храмот во кој римските многубожци им се поклонувале на своите богови.
Втора фаза. Ширењето на христијанството ја наметнувало потребата од нови христијански храмови, па врз урнатините од паганскиот храм била подигната христијанска црква. Нејзините остатоци се откриени на 2,5-2,7 метри длабочина. Оваа црква е датирана на 6-от век и се поврзува со времето на императорот Јустинијан I (527-565). Овој ранохристијански храм бил разурнат во непознато време.
Трета фаза. Врз остатоците од претходните храмови бил подигнат сосема нов христијански храм. Тоа се случило најверојатно во 9-от век, кога Охрид повторно зајакнува како христијански центар. Остатоците од овој храм се пронајдени на длабочина од 85 сантиметри.
Четврта фаза. Денешната црква лежи над остатоците од постарите храмови. Таа претставува трокорабна базилика со заеднички покрив на две води. На запад има припрата на кат, над чијшто централен дел некогаш се наоѓала купола. Во почетокот, црквата имала купола и над средишниот кораб, но таа во непознато време била целосно отстранета и заменета со полукружен свод. Целата градба е уредена според традициите на византиската црковна уметност.
Во почетокот на 14-от век на западната страна била додадена двокатна надворешна припрата со трем во приземјето, галерија со аркади на катот и две странични кули со куполи. Во горниот дел на западната фасада, со тули бил изведен натписот од кој може да се прочита дека надворешната припрата била подигната во 1317 година во времето на архиепископот Григориј I.
Во првите неколку векови црквата служела како катедрален храм на Охридската Архиепископија и околу неа бил подигнат комплекс од згради за потребите на оваа црковна организација. Таа под својата управа ги имала црквите во Македонија и во други балкански земји, а во одреден период и православни цркви во Далмација и Италија.
Во средината на 15-от век црквата била претворена во џамија, најверојатно како казна за учеството на Охридската Архиепископија во бунт против Османлиите. Тогаш црквата претрпела бројни промени, како во внатрешниот така и во надворешниот изглед. Иконостасот бил целосно разурнат и од неговите делови бил соѕидан мимбарот на џамијата. На местото од срушената централна купола бил поставен полукружен свод, а живописот варосан. Западниот дел на црквата бил ставен надвор од функција, поради што живописот во овој дел бил оставен неваросан. Над северната купола на надворешната припрата било подигнато минаре кое опстојувало сѐ до 1912 година. Во 19-от век од северната страна бил додаден отворениот трем, а за неговата изградба биле употребени камени столбови од антички градби. Вака преправена, црквата не доживеала голема слава како исламски верски објект. Ретки биле муслиманите кои доаѓале да се молат во овој храм, поради што тој на крајот завршил како складиште. Помеѓу двете светски војни црквата била целосно напуштена.
Поради честите несоодветни преправања и големата запоставеност низ вековите, црквата запаѓала во незавидна положба. Тука свој придонес дал и земјотресот од 1905 година. Тогаш јужниот ѕид целосно се отцепил во својот горен дел за 60 сантиметри и почнал да се навалува со можност целосно да се распадне. Истата судбина ги очекувала и другите ѕидови кои биле напукнати.
При обемните конзерваторски работи извршени помеѓу 1949 и 1956 година, живописот е исчистен од наслагите од вар и малтер. Тогаш, за прв пат по неколку векови на виделина се извадени сликарски дела со непроценливо значење.
Најголемо внимание привлекуваат фреските во источниот дел од црквата, кои спаѓаат меѓу најдобро зачуваните целини од 11-от век, какви што многу ретко се среќаваат. Авторите се непознати, но од нивното дело се гледа дека биле под влијание на античкото сликарство. Големите ѕидни површини и малиот број избрани сцени овозможиле ликовите да бидат насликани во натприродна големина.
Во оваа црква се насликани шеесетина фигури. На најугледното место, во централниот дел на олтарот, претставени се влијателните поглавари на Цариградската Патријаршија: св. Василиј Велики, св. Јован Златоуст и св. Григориј Богослов. Централно место во олтарната апсида зазема композицијата ,,Причестувањето на апостолите“. Во горниот дел на апсидата е насликана св. Богородица седната на престол, со Исус Христос насликан во ореолот што таа го држи пред себе. Од јужната и северната страна им се поклонуваат по пет ангели.
Посебно внимание со својата убавина привлекуваат старозаветните сцени во олтарот. На јужниот ѕид се насликани ,,Жртвата Аврамова“, ,,Гостољубието Аврамово“ и ,,Три ангели во посцета на Аврам“ додека на северниот ѕид можат да се видат ,,Тројца Евреи во вжарената печка“ и ,,Скалата на Јаков“; покрај нив се насликани „Светата Мудрост“, со изглед на ангел кој на сон им се јавува на св. Василиј и на св. Јован Златоуст, и „Литургијата на св. Василиј Велики“. На полукружниот свод во олтарот доминира „Вознесението Христово“.
Во ѓакониконот (помошната просторија јужно од олтарот) се насликани фигурите на шест римски папи, со што се одразува односот помеѓу Цариградската и Римската црква пред расцепот во 1054 година. Во протезисот (помошната просторија северно од олтарот) се насликани сцени од измачувањето на св. Четириесет маченици од Севаст.
Во „Св. Софија“ можат да се видат фрески и од подоцнежниот период. Во главниот дел од црквата има траги на сликарство од 12-от и 13-от век, а дел од живописот од првата половина на 14-от век му се припишува на сликарот Јован Теоријан.
По закрепнувањето на оштетените делови, црквата повторно е ставена во функција, прво само како музеј, а потоа и како православен храм. Во 2004 година е извршено преосветување, кога олтарот добива сосема нов мермерен иконостас.
OhridNews