Мајка ми до денес, иако сум самостоен, фамилијарен, ми велиТ: Пази, земи чадор, ладно е, облечи се повеќе, еве чорапи, внимавај на топло, стави крем, капче, пиј доволно вода, внимавај во сообраќајот, чувај ги децата надвор. Мајка, што ќе правиш, секогаш ја слушаш.
Со моменталнава ситуација во време на корона беше многу уплашена. Стар човек, треба екстра пазење. Се радуваше кога конечно почнаа полека да олабавуваат со мерките за слободно движење со држење дистанца и носење на заштитна маска каде што е потребно.
Секоја држава си има свои прописи. Никој и никаде не е перфектен во светот. Ниту една држава нема вистинско решение, правилна насока или најдобри одлуки за пандемијата со Covid19. Според актуелните податоци на Министерството за надворешни работи на Холандија, Македонија тука е означена како портокалова зона, што значи многу внимателно.
Последниве месеци следев се во Македонија. До крај ги слушав прес-конференциите. Слушав од блиски како не се почитуваат сите прописи. „Абе знајш какви сме на Балканов, од инает најпаметни се прајме од сите“. Фамилии и пријатели во Охрид меѓу себе се немаат видено со месеци. Од страв. Живеат во Охрид и гледаат како градот е киднапиран од гости.
Леле колку ме молеа децата да дојдеме во Охрид ова лето. После многу години и ние прескокнавме да дојдеме. Од принцип, за нас, за нашите блиски и сите други не ризикуваме сега.
Супер што угостителите ќе фатат некој денар и сите други трговци, да има екстра плата за народот. Ама каде се на пример мерките за ограничување на бројот на посетители во Охрид, за борба против коронава? Експертите во Македонија велат: Внимавајте, држете дистанца и се друго. Ама проблем е што во Македонија има 1,8 милиони експерти. Секој еден има право на слобода на движење. Но, во овој случај постои нешто што се вика одговорност.
Деновиве татко ми имаше роденден. Прв пат во животот не му честитав со гушкање. Му честитав од дистанца.
Пријатен одмор на сите.
Влатко
Амстердам
*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите