Манчестер јунајтед на импресивен начин обезбеди пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите, откако синоќа на легендарниот “Олд Трафорд“ ја прегази Рома совладувајќи ја со неверојатни 7:1. “Бебињата“ до рекордната победа во ЛШ стигнаа без повеќемина стандардни играчи од одбраната, средниот ред и нападот што на победата и дава дополнителна тежина.
Роналдо и Смит-Манчестер
Во ноќта во која на Манчестер му одеше се, а на Рома ништо, најтешко беше да си навивач на гостинската екипа. Римјаните најпрвин се судрија со локалната полиција на влезот од “Олд Трафорд“, но вистинското понижување се случи за време на натпреварот. Керик, Смит, Руни и Роналдо ја наполнаа до врв мрежата на Рома во првото полувреме. Во вториот дел Дони уште три пати ја вадеше топката од мрежата, а Де Роси го постигна почесниот гол за Рома. Во полуфиналето Манчестер ќе игра со подобриот од дуелот Баерн-Милан.
и Челзи е во полуфиналето
Англиската ноќ ја потврди и Челзи кој со голот во 90 минута на Есиен ја совлада Валенсија на Местаља и обезбеди пласман во полуфиналето каде извесно е дека ќе се сретне со Ливерпул, доколку се разбира вечерва на Енфилд не се случи чудо ПСВ да ја анулира предноста на црвените од 3:0 од првиот натпревар. Инаку Валенсија поведе преку Мориентес, израмни Шевченко, а невнимателноста на Кањизарес во финишот домаќините ги чинеше елиминација.
Преостанатите два четвртфинални реванш натпревари се играат вечерва во стандардниот термин од 20:45ч.
Г. Момироски