Долгогодишните соработници и пријатели на доајенот на охридското новинарство Никола Маневски  постхумно го промовираа неговото прво, и за жал единствено литературно дело „Чувства без наслов“.  


– Сите новинари во Охрид и Македонија знаеја дека Маневски е бард, доајен на новинарството, а ние во локалната знаевме дека е невиден соработник и пријател и дека општата именка „човек“ пред неговото име е напишана со голема буква. Преку оваа книга тој ни овозможи сите ние малку подлабоко да го запознаеме, рече меѓу другото неговиот пријател и соработник Митре Велјаноски.


Славе Ѓорго Димоски рече дека иако со години бил пријател со Маневски не знаел за неговата тајна дека пишува литературно дело. Пријатно се изненадил кога дознал  за новелата.

  Маневски преку една современа приказна сака да ни ја прикаже ерозијата на новото време на изгубени вредности, но и живи дамари кои се спротивставуваат на вителот на општото. Маневски внимателно го насочува вниманието кон негувањето на високите животни вредности, пред се искреноста и доблеста, истакна Димоски. 


Никола Маневски, професионален новинар и портпарол во Општина Охрид е роден 1950 година во Охрид. Почина на 1 август годинава, вршејќи ја должноста раководител на Одделението за односи со јавноста при Општина Охрид.

 

Промоцијата на која присуствуваа членови на семејството на новинарот Маневски, градоначалникот на Охрид, неговите соработници, колеги новинари и бројни гости, со својот настап ја збогатија учениците од ОМУ „Методи Патче“.

Т.К.