Охрид изгледа прекрасно пред Нова Година, но потребно е таквиот амбиент да се зачува, порачуваат градските власти . Тие апелираат до граѓаните и гостите да се однесуваат домаќински и да ги чуваат скапите реквизити со кои е украсен градот, кои како што стои во соопштението, треба да послужат и за идните генерации.
Посебно се апелира до децата да бидат внимателни и да не ги допираат инсталациите на бандерите на кои се поставени украсните реквизити, бидејќи истите се под висок напон и може да има несакани последици по животот.
Од младите се очекува да се воздржат од употреба на петарди и други пиротехнички средства за време на новогодишпните празници, со цел што побезбедна прослава. Годинава на дочекот на Нова Година, на градскиот плоштад каде на 31 декември ќе настапат познатата пеачка Каролина Гочева и групата Ареа, се очекува да присуствуваат над 10.000 граѓани од кои пак се очекува со доброто однесување да дадат свој придонес прославата да мине во најдобар ред.