Европската куќа на ракометот (ЕХФ) со одлуката да ги укине осминафиналните и четвртфиналните натпревари без борба на теренот му ја одзеде европската круна на Вардар во Лигата на Шампиони. Револтот во составот на Вардар е голем, а јавно незадоволство од одлуката на ЕХФ го искажаа Веселин Вујовиќ, Игор Карачиќ и други ракометари.
Ова што е направено дефинитивно не е регуларно. Никого не му е грижа за клубовите, а мислам дека сите клубови во оваа ситуација би требале да бидат единствени и да речат дека не сакаат да играат. Работата е јасна, богатите нека играат, а малите нека им служат за промоција на ракометот. Мислам дека беше важно во оваа ситуација да им се помогне на сојузите и на клубовите на некој начин бидејќи ситуацијата е тешка, опасна за иднината. Што ако се продолжи? Не сакам ни да помислам на тоа. Прашање е колку воопшто клубовите ќе успеат да преживеат. Се плашам дека сите нас не чекаат тешки времиња,а знам дека сега е важно единствено да се остане здрав. – изјави Иван Чупиќ.
Хрватскиот ракометар беше една од главните алки во освојувањето на двете титули на Вардар во Лигата на Шампиони. Чупиќ во 2017 година го постигна погодокот вреден титула, а две години подоцна одигра маестрален завршен турнир.
На Ф4 турнирот на крајот од оваа година ќе учествуваат Барселона, Пари Сент Жермен, Веспрем и Кил.
OhridNews