Безбедносната ситуација на подрачјето под надлежност на СВР Охрид, е стабилна, оцени  техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, по средбата со раководството на секторот. Таа била искористена да даде насоки за зајакнување на активностите во насока на поволен безaбедносен амбиент во услови на, како што рече, „очигледна поларизираност во општеството“.

Минатата година забележан е зголемен број откриени кривични и прекршочни дела во СВР Охрид, но и зголемена реализација, односно расветлени случаи од 25 на 35 проценти. – информираше Чулев.

Тој дал насоки да се посвети повеќе внимание на проблемот со дрвократството и нелегалната експлоатација на шумите во рамки на акцијата „Гора“, како и да се засилат контролите на Охридското Езеро, во услови кога тоа нема концесионер.

Запрашан за коментар на одлуката на Владата за неприфаќање на 89 решенија за вработување во МВР, Чулев рече дека не само што таа е противуставна и противзаконска, туку во услови на предизборие негативно може да се одрази врз севкупната безбедносна ситуација во земјата. Одбивањето на решенијата само создава конфузија во редовите на службата,која сама по себе подразбира строга хиерархија, така што систем на двојно командување без точно одредена хиерархиска одговорност само по себе предизвикува проблеми во функционирањето, рече техничкиот министер за внатрешни работи.

Според мене, а верувам ќе се сложат и експертите од правниот факултет, одлуката на Владата е незаконска и спротивна на Уставот. Неприкосновено право на министерот е да донесува решенија, да врши прераспоредување, конкретно министерот раководи со Министерството. Владата не може да колективно да укинува поединечни правни акти, во случајот решенија. До сите организациски единици на МВР испратив телеграма во која укажувам вработените да продолжат да ги извршуваат зададените задачи, да го почитуваат принципот на хиерархија и принципот на законитост. – истакна Чулев.

Чулев направи споредба со 488 решенија на Оливер Спасовски во време кога тој ја извршуваше функцијата технички министер за внатрешни работи. – Моите 89 решенија се целосно во согласност со законот и во оние 10% што ми ги дозволува функцијата, додаде тој.

Г.М.