Криминалитетот на подрачјето што го покрива Секторот за внатрепни работи Охрид е намален за 30% во споредба со минатата година, истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој денеска престојува во работна посета на СВР Охрид и полициските станици во регионот, како Езерската полиција и граничните одделенија во струшко Лабуништа.

Сакам да ги пофалам колегите затоа што имаат зголемен број на откриени кривични дела. Откриени се 30 тешки кражби во вили и објекти за одмор во Елешец и Лагадин. Во рамки на оперативната акција „Гора“ за спречување на уништување на шуми имаме поднесено кривична пријава против директорот за ЈП „Шуми“ и против подрачната единица на јавното претпријатие и раководителот во Кичево – Лопушник. Во однос на прекуграничниот криминал се открија 169 килограми дрога, марихуана, истовремено беше откриена и поголема количина на тутун и фармацевтски производи за домашни животни, при што веќе е поднесена конкретна кривична пријава. – изјави министерот Чулев.

 

Чулев синоќа учествуваше во превентивната акција на СВР Охрид и Советот на родители на град Охрид за заштита од Ковид 19, при што биле посетени повеќе популарни места каде што излегуваат младите на кои им биле поделени заштитни маски и совети. Министерот денеска работно возеше и велосипед со колегите од посебната полициска единица на велосипеди при СВР Охрид, која, како што истакна, има потреба од нОва опрема. Проблеми има со недостаток на полицајци во Охрид, на што мора да се работи во наредниот период посочи Чулев.

Во СВР Охрид фалат велосипеди, фалат материјално технички средства, поготово мотори, дотолку повеќе што на територијата на Охрид има многу делегации, така што во наредниот период МВР ќе излезе во пресрет, вклучително и со пловни објекти. Еден од најголемите проблеми со кои се соочува СВР Охрид е кадровската пополнетост и мора ние како МВР во наредниот период да вработиме повеќе полициски службеници во Охрид, меѓутоа од градот Охрид или од Струга. Сега ни се случува на конкурсите за вработување во МВР да аплицираат лица коишто се од Дебар, а најмногу од Кичево. Тие доаѓаат на работа, но после завршување на приправничкиот стаж повторно се враќаат во Кичево. Таму сега има превработеност над 100%, а за жал во Охрид кое е многу сензитивно подрачје каде ни требаат повеќе полициски службеници имаме недостаток од нив. Тоа мора најитно да се промени во наредниот период. – рече Чулев.

Што се однесува до изборите, Чулев истакна дека поради специфичната ситуација полициските службеници се максимално ангажирани, посочувајќи дека самиот изборен процес ќе биде исто така специфичен затоа што ќе трае три дена. Тој истакна дека е изготвен план за делување на СВР Охрид за организирање мирни, фер и демократски избори. Опрема и материјални средства имаме, но изборите се во летен период и ќе има голем товар врз полициските службеници кои се подготвени да одговорат на предизвикот, додаде Чулев. Исто така, мапирани се критични точки, кои, како што истакна началникот на СВР Охрид Илија Милески, имаат за цел да се спречат изборни нерегуларности.

Се работи за места каде живее население од социјално ранливи категории, како што се социјалните згради во населбата Расадник, места со мешан етнички состав каде што големо влијание имаат политичките партии. Таму засилено е присуството на полиција за да не се дозволат евентуални изборни нерегуларности. Од 2016 наваму значително се намалени таквите појави, но полицијата е тука превентивно да делува, што и го прави. – изјави началникот на СВР Охрид Милески.

 

Министерот Чулев дополни дека МВР ќе побара од ОБСЕ и и дипломатските претставништва на сите мапирани ризични места да има зголемено присуство на меѓународни набљудувачи. Тој информираше дека се покренати постапки против неколку полициски службеници за влијание во изборниот просес.

Г.М.