МВР ќе покрене постапка против службените полициски лица кои медиумите ги затекнаа како мирно гледаат на прекршување на полицискиот час во населбата Чаир во Скопје, за да се утврди нивната евентуална одговорност. Ова го најави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, на прес конференција што се одржа денеска. Во однос на работата на маркетите и колонијалите, што исто така беше воочливо во објавените медиумски прилози од истата населба, Чулев истакна дека тоа не е надлежност на МВР, туку на Државниот пазарен инспектоират, посочувајќи дека дозвола за работа во полициски час на истите издавааат општинските власти, но само за „деливери“, не и за регуларна продажба каква што тие извршуваа за време на забраната за движење измининатиот викенд.

 

Министерот Чулев информираше дека од четвртокот од 21 часот, заклучно до денес до 05 часот од страна на Министерството за внатрешни работи на територијата на целата држава констатирани се вкупно 622 непочитувања на одлуката на владата за ограничување на движењето, најголемиот дел од нив – 340 се констатирани на територијата на секторот за внатрешни работи во Скопје. Вкупно, до сега констатирани се 5397 прекршување на одлуките за ограничување на движењето на граѓаните од нејзиното воведување, нагласи министерот Чулев.

Во однос на уредбата за задолжително користење на заштитна опрема, според презентираните бројки, констатирани се вкупно 1777 непочитувања на истата, најголемиот дел од нив на подрачјето на СВР Струмица каде што констатирани се 417 непочитувања и на подрачјето на СВР Охрид – 356. Вкупната бројка на констатирани непочитувања на оваа уредба до сега е 8.180 и за сите тие случаи како што посочи Чулев, се изготвени соодветни поднесоци.

Чулев изрази разбирање за револтот на граѓаните од одлуките со кои се ограничува нивното движење, притоа истакнувајќи дека граѓаните треба да се свесни оти сето тоа се прави со цел да се заштити нивното здравје.

Ваквите одлуки се носат од страна на комисија за заразни болести во која учествуваат стручни лица и доктори, а полициските службеници, односно Министерството за внатрешни работи имаат задача и обврска да го контролираат нивното спроведување. – нагласи министерот Чулев.

Министерот им изрази благодарност на полициските службеници за нивната ангажираност во спроведување на опсежните мерки за заштита од коронавирусот и се пожали дека постојано наидува на опструкции од страна на владата.

Како Министер за внатрешни работи мојот став е дека МВР треба да функционира единствено врз принципите на професионалност, неселективност и законитост, затоа што тоа граѓаните го заслужуваат. И во суштина во изминатиот период тоа се покажа во пракса, во најголем дел успешно ги спроведовме одлуките на Владата, а со тоа го заштитивме здравјето на граѓаните. Грешки и пропусти има и тие се дел од работењето, но лошо е кога грешките се случуваат поради опструкции, несоработка и постапување по партиски директиви. Да бидам искрен исклучително тешко една моја идеја, замисла или директива да се спроведе во пракса, без да наидам на многу опструкции во Министерството за внатрешни работи, но и од страна на Владата. – рече Чулев.

OhridNews