Мерката за ограничување на движењето од воведувањето до денеска, не ја почитувале 502 лица, од нив 94 во последните 24 часа. Од прекршителите 459 лица се на возраст од 18 до 66 години. Ова денеска на пресконференција го изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Од лицата кои не ја почитувале мерката за ограничување на движењето, приведени се 199, од нив 14 се на возраст под 18 години. Во последните 24 часа приведени се 37 лица. – истакна Чулев.

Од вкупно 502 лица кои до сега не ја почитувале мерката за ограничување на движењето, опоменати се 136 лица, а на останатите земени им се податоци и против нив ќе бидат преземени дополнителни мерки, додаде министерот Чулев. Тој истакна дека досега по овој основ се поднесени и 123 кривични пријави.

Министерот за внатрешни работи информираше дека од 26 февруари, кога се воведени мерките, издадени се  вкупно 1620 решенија за задолжителна изолација, од кои 90 во последните 24 часа. Изминатото деноноќие не е регистрирано ниту едно прекршување на оваа мерка.

До овој момент потпишани се над 9000 изјави за самоизолација и тој број расте, истакна Чулев. За непочитување на оваа мерка поднесени се 123 кривични пријави, 5 во последните 24 часа

Министерот Чулев се осврна и на соработката со Армијата, која, како што истакна, е беспрекорна.

Тој информираше дека вчера со специјални летови од Загреб и Малта во земјава пристигнале 290 македонски државјани кои се упатени во задолжителен државен карантин, согласно планот кој го подготви генералниот секретаријат на Владата, за што се приспособени 18 објекти во земјата. Во нив засега се сместени 1082 граѓани. Денеска со два специјални лета од Љубљана и Минхен се очекува да пристигнат дополнителелен број македонски државјани, кои исто така ќе бидат упатени во државен карантин, рече Чулев.

Според министерот за внатрешни работи донесените мерики и препораки на Владата генерално се почитуваат од граѓаните, кои, како што додаде,  се свесни и совесни за овој искчучително сериозен момент за сите нас.

Апелирам и ги молам сите граѓани во овој специфичен период цврсто да ги почитуваат мерките на Владата, социјалните активности да ги сведеме на минимум, затоа што само така ќе спречиме понатамошно ширење на пандемијата на Ковид 19. – истакна министерот Чулев.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот чулев истакна дека Владата ја разгледува можноста на сопствените на миленици кои живеат во станбени згради да им се овозможи ограничено движење во близина на објектот за време на полициски час за извршувае на нивните потреби.