Под урнатините на трговскиот центар каде што продавал ориз, вчера бил извлечен 28 годишниот Еван Мунцие, пренесува „Макфакс“.

Доктори тврдат дека е можно човек да живеел скоро еден месец под урнатините на зграда во центарот на Порт-о-Пренс. По извлекувањето докторите откриле дека пати од дехидрација и неухранетост.

„Беше премногу слаб, бидејќи долго време немал никаква храна. На двете нозе имаше отворени рани кои крвареа“, рече докторот Мик Конели. Преживеаниот изјавил дека  сè уште мисли дека се наоѓа под урнатините.

Мунцие бил пронајден при расчистување на остатоците од трговскиот центар, а докторите тврдат дека за да преживее во текот на месецот му била потребна вода, за која не се знае од каде ја наоѓал.

Владата на Хаити го означи крајот на потрагата по преживеаните на 23 јануари, а последните живи луѓе од урнатините беа извлечени на 27 јануари.

Ohridnews
извор: „Макфакс“