Седумдесет и седумгодишниот Лен Клајнрок, еден од творците на интернет и веројатно првиот човек што го користел, денеска одбива да користи Фејсбук и тврди дека не му е потребен.
„Одличен е за моите внуци, но не и за мене“, вели овој професор од Калифорнискиот универзитет, пренесува „Макфакс“.
Клајнрок признава дека неговиот одговор е генерациски условен, но во овој случај причината не е непознавањето на најсовремената технологија, што е карактеристично за повеќето постари луѓе.
Имено, Клајнрок беше член на тимот што го измисли интернет и тоа уште далечната 1969 година, кога истражувачите собрани во лабораторијата на Калифорнискиот универзитет меѓусебно разменувале пробни податоци меѓу два тогашни гломазни компјутера.
Беше тоа зачеток на мрежата Арпанет, која со време се трансформираше во интернет каков што денес го знаеме.
„Всушност имам чувство на веќе видено и доживеано. Немам повеќе потреба да ги ширам контактите и да наоѓам нови друштвени групи со кои би се поврзувал. Тешко ми е да одржувам контакт и со луѓето со кои сум веќе поврзан. Електронската пошта ми е затрупана со пораки, моите колеги и пријатели секогаш можат да ме најдат и навистина не сакам уште една мрежа што би морал редовно да ја проверувам“, вели Клајнрок.
извор:„Макфакс“