Со интензивната комерцијализација на крајбрежјето се загрозува природното живеалиште на лебедот и доколку не се промени свеста кај луѓето Охридското Езеро лесно може да остане без еден од најубавите украси, предупредува Илиќ Боева.
– Ако целиот брег се даде под концесија за плажи тогаш ќе имаме консеквенци на живиот свет. Лебедот може да трпи некој притисок, но не до бескрај. Бидејќи тој е добар и упорен летач можеме да се соочиме во еден момент лебедите сосема да го напуштат Охридското Езеро и верувам дека тоа никој не сака да се случи, додава Душица Илиќ Боева.
Со цел да се заштити охридскиот лебед, Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при локалната самоуправа, во рамки на годишната програма финансиски го поддржа проектот на Македонското лимнолошко друштво за регистрација на гнездата на лебедите на македонска страна, а се прават напори научните истражувања да бидат проширени и на албанска страна од Охридското Езеро.
-Бидејќи Охридското Езеро се протега и од албанска страна еколошките проблеми треба заеднички да се решаваат. Остваривме средба со општина Поградец и се договоривме да потпишеме меморандум за заедничка соработка во сферата на заштита на животната средина, а првично акцентот да биде ставен на регистрација и заштита на лебедот и на појасот на трската, што како проекти општина Охрид веќе ги реализира, ни изјави Хавза Реџеп Каќел- од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина.
Годинава на Охридското Езеро се испилиле само 8 млади лебеди кои оваа недела ќе бидат прстенувани. Секој гнездов пар ќе биде обележан со конкретна боја, а младите со нијанса од истата боја. Тоа се прави со цел да се следи нивното движење во наредните години, со што доколку дојде до миграција науката ќе има конкретни податоци од каде потекнуваат новодојдените птици во одредени региони.