Ohrid Water Festival 2024 оваа година нуди посебна атракција – настани кој во организација на Црвен крст Охрид, а со поддршка на ПК Охридски бранови 2008 Охрид и Нуркачкиот центар Акватек, ќе се одржат во Охрид.

Презентација на тема „Неверојатните можности на човечкиот дух“ која ќе се одржи во просториите на Црвен крст Охрид на 26.08.2024 г. (понеделник) со почеток во 19 часот. На неа презентерот Јане Петков од Сандански, Бугарија ќе открие интересни техники за дишење и медитација пред неговиот нов подвиг.

Човекот амфибија, седумдесетгодишниот Јане Петков, во многу сложени услови, врзан со лисици, ланци и катинари, потопен на дното на Охридското Езеро, кај плажата Сараиште ќе се обиде да се ослободи и излезе на површината на водата, без никакви помагала, по примерот на светски познатиот илузионист Harry Houdini, посочуваат од Црвен крст Охрид.

Настанот ќе се одржи утре со почеток во 12 часот. Ова ќе биде втор настан кој Црвен крст Охрид го организира со Јане Петков.

Првиот, спортско- медицински настан за Гинисов рекорд Црвен крст Охрид беше организиран на 10.09.2013 година, кога Јане Петков преплива растојание поголемо од 2 км., на Охридското Езеро, од плажата Орце Николов до Градското пристаниште во Охрид, целосно врзан во вреќа, потсетуваат од Црвен крст Охрид.

Инаку, Јанко Петков е роден на 6 август 1954 година во Сандански, Пиринска Македонија. Натпреварувач на пливачкиот клуб Вихрен од 1960-тите. Добитник на многу медали од натпревари во Бугарија и Грција. На почетокот на 1990-тите, тој постави уникатен рекорд за пливање 2.100 метри под вода во базен за нешто повеќе од еден час, земајќи здив секој пат кога ќе го допре ѕидот. Оттука и неговото име „Човек амфибија“. Има рекорди за препливување на реката Дунав врзан во вреќа.

OhridNews