Семејна драма, маскирана со ритуалите на семејниот живот во која постои криза на моралот, лага и лицемерство, неверство и љубов, донесоа вчеравечер на „Охридско лето“ актерите на Театар Комедија –Скопје со изведбата на театарската претстава „Човек, ѕвер и доблест“, на текст од Луиџи Пирандело, а во режија на Егон Савин.
На сцената „Долни Сарај“ , вечноактуелната тема преку извонредна глума ја пренесоа актерите Атанас Атанасовски, Сашо Ристовски, Тони Денковски, Сашка Димитровска, Жарко Димоски, Кристина Ласовска,Жаклина Стевковска Дрнасин и Ева Скендеровска.
За директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски, кој во претставата ја одигра улогата на морнарот Перела, со гостувањето на „Охридско лето“ всушност продолжува сезоната на овој театарски ансамбл.
Ја имаме честа да ја продолжиме сезоната со поканата на селекторот на „Охридско лето“, Александар Поповски и директорката Наташа Поповиќ. Возбудата е голема. Ние сме како екипа и како театар презадоволни од приемот на „Охридско лето“ и благодарни што ете, во екот на пандемија, се одвиваат ваквите културни настани. Се работи за семејна драма која се одвива во домот на морнарот Перела. Оваа драма била актуелна и во време кога ја пишувал Пирандело, но е актуелна и во сегашно време и не можеме да избегаме од суровата реалност. На гледачите им донесовме малку поинаков начин на игра, за разлика од оној на којшто се претходно научени, но сметам дека тој допира до самата публика, рече директорот на Театар Комедија. – Ристовски.
Актерот Атанас Атанасовски ја имаше главната улога во претставата, на професорот Паолино кој има афера со омажена жена, жената на морнарот Перела. Според него, целиот процес на создавање на драмата „Човек, ѕвер, доблест“ бил од исклучителна важност за него, зашто како што кажа, имал можност да учи од еден од култните режисери, Савин.
Претставата ја направивме пред да се појави пандемијата на ковид 19 и целата криза. Процесот на создавањето помина во прекрасна и пријатна атмосфера бидејќи работевме со едно од најголемите режисерски имиња на овие простори, Егон Савин. Беше пред сѐ, педагошки процес и јас како релативно помлад актер, успеав да украдам на некој начин знаење, занает, од еден таков режисер. Тимот со кој работев е прекрасен. – изјави Атанасовски.
Како што појасни првиот човек на Театар Комедија, Сашо Ристовски, годинешната програма на оваа национална установа е видоизменета и прилагодена на новонастаните услови. Актерите од овој театарски ансамбл, заради здравствената криза во светот го откажаа прекуокеанското гостување во Австралија.
Дел од драмската дејност се префрла за наредната година, но веќе од 26 август продолжуваме со процесот на хитмејкерот Синиша Ефтимов, текстот „Си беше еднаш“, во кој игра поголем дел од нашиот ансамбл. Бидејќи имаме добиено протоколи за работа надвор, сите проби ќе ги одржуваме надвор. И премиерата во септември,но останатите претстави, ќе се обидеме до 15 октомври. При тоа, ќе го започнеме проектот со германска лиценца „Тоа е пак тој“- една убава сатира за Хитлер кој се враќа во 21-от век. Читачките проби ќе одат по зум, а потоа ќе видиме како ќе се развиваат настаните. – најави Ристовски.