Голем број човечки коски од муслиманските гробишта во Струга, откопани при повторниот обид за отпочнување на изградбата на џамија завршиле на буниште, соопшти Министерството за внатрешни работи кое открило најмалку две локации надвор од градот каде „изведувачот“ се ослободил од коските.
Според МВР, активностите на струшкото муфтиство кое стои позади изградбата на спорната џамија се незаконски.
Градоначалникот Рамиз Мерко изразувајќи згрозеност од целиот случај повтори дека струшкото муфтиство нема градежна дозвола за изградба на џамија на локацијата кај муслиманските гробишта и дека ниту со деталниот ниту со генералниот урбанистички план на тој простор не е предвидена изградба на верски објект.
Од струшкото муфтиство одбиваат да дадат било каква изјава за случајот.
Г. Момироски