Ракометниот клуб Металург, во вторникот, ја засили бековската линија, откако потпиша договор со српскиот интернационалец Милан Чоровиќ. 29-годишниот играч, во редовите на македонскиот вицепрвак доаѓа од Обединетите Арапски Емирати, каде во изминатите две сезони играч за Шаржа и Ал Аин.

Чоровиќ е поранешен играч на Металург, пред седум години во мајсторката со Вардар, на две секунди до крајот постигна гол за победа од 27-26 со што на клубот му ја донесе првата шампионска титула.

„Среќен сум што се вратив во Металург, каде што ме врзуваат убави спомени. Со Металург прв пат во историјата ја освоивме двојната круна, а по моето заминување Металург прерасна во голем и амбициозен клуб, кој во континуитет се натпреварува во Лигата на шампиони и бележи добри резултати. Тоа е една од причините за моето враќање. Особено ме радува и ми прави чест што ќе можам да учам и да работам со еден од најголемите ракометни стручњаци во светот, Лино Червар“, изјавил Чоровиќ за клупската интернет страница.

Играчот кој може да игра на левата и централната бековска позиција со Металург потпиша договор на една година, со можност истиот да биде продолжен за уште една.

„Макфакс“