Со пригодни подароци дирекцијата на фестивалот „Охридско лето им се заблагодари на светските уметници кои на 12 јули на Античкиот театар приредија незаборавен концерт на свеченото отворање на 58 издание на манифестацијата, сопранот Елена Мошук, извонредниот тенор Калин Братеску и маестралниот диригент Николае Молдовеану, сите од Романија.

Во име на фестивалот, директорката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска нив им подари швајцарско чоколадо и брендирано вино од познатата винарија „Тиквеш“, специјална едиција само за уметниците што настапуваат на „Охридско лето“, а оперската певица на Охрид си замина и со бисерен ѓердан, информира дирекцијата на фестивалот.

Уметниците Мошук, Братеску и Молдовеану, иако светски популарни, сепак покажаа дека се скромни луѓе и расположени да ја испочитуваат публиката. По завршувањето на концертот се фотографираа и ги примаа честитките од посетителите за нивниот спектакуларен настап.