Кошаркарскиот клуб АВ Охрид го претрпе вториот пораз на домашен терен, четврти вкупно сезонава, откако изгуби од Работнички (71-53) во петтата рунда од Првата кошаркарска лига.
„Галебите“, иако изгубија со 18 поени разлика на семафорот, не се посрамотија пружејќи му солиден отпор на лидерот на табелата во елитата.
– Работнички не победи на искуство, а и сами имаме вина за поразот бидејќи имавме премногу промашени шутови од чисти позиции. За разлика од мечевите со Куманово и Фени Индустри на овој со Работнички покажавме дека можеме да се носиме со најдобрите екипи. Ќе продолжиме да работиме со јако темпо и од меч во меч со потребното искуство ќе бидеме се подобри. – рече стратегот на АВ Охрид, Петар Чочороски.
Задоволен од победата, а не и од играта беше тренерот на Работнички, Марин Докузовски. – Во првото полувреме наликувавме на себе, додека во второто полувреме, а особено во третата четвртина ги загубивме конците од играта и им дозволивме на домаќините да се вратат во игра. Во иднина, мора да внимаваме на осцилациите, бидејќи не секогаш можиш да го контролираш натпреварот цело време.
Творецот на најголемиот успех во македонската кошарка со освоеното 4-то место на ЕП во Литванија го пофали охридскиот клуб за добар домаќин и организиратор и му посака среќа во продолжението од сезоната.
OhridNews