Паузата во Втората кошаркарска лига поради завршницата од Купот на Македонија охридските кошаркари ја искористија дополнително да ги наполнат батериите пред мечот со Гостивар кој може да се окарактеризира како натпревар на сезоната.


Охриѓани во пресрет на дербито имаат поволна ситуација на табелата, но со триумф над еден од најголемите ривали ќе ги „избришат“ сите калкулации во продолжението од сезоната.

– Ние со победа над Гостивар во голема мера ќе го решиме првенството, а ако победат тие ќе се вратат во игра, но сепак ние ги држиме конците во свои раце. Секако, мечот ќе биде дерби натпревар и никоја екипа не влегува со калкулации во вакви средби. – рече тренерот на „галебите“, Петар Чочороски.


Охридскиот стратег проговори и за инцидентот минатата полусезона со тренерот на Гостивар, Мирко Петрески по завршување на мечот. – Немаше никаков инцидент од такви размери како што се пишуваше. Си разменавме неколку зборови, но се беше во вжештетана атмосфера. Потоа си пруживме рака и до ден денес комуницираме како ништо да не се случило меѓу нас. – објасна Чочороски.


Капитенот на охриѓани, Слободан Михајлоски тренираше со намелен интензитет додека организараторот на играта Марјан Младеновиќ има мали проблеми со листот од ногата.

– Нивните повреди не се сериозни и со целиот арсенал ќе го пречекаме тимот на Гостивар. Играчите се мотивирани и пред се желни за успех, што посебно ми е ја олеснува работата. – заврши предводникот на „галебите“.

Дерби средбата иако се уште не е официјално закажана, но најверојатно ќе се игра в сабота во 18 часот во спортската арена Билјанини Извори.

Михаил Постоловски