Итно да започне спроведување на регионалниот план за управување со отпад, да се следат сите потребни процеси и изградбата на регионалната депонија во Новаци, санирање на Буково и Мауцкер со сите неопходни работи кои ќе ги изврши докажан оператор, се барањата кои на денешната прес конференција ги презентираа членовите на граѓанската инцијатива „Збогум Буково“ во пресрет на утрешната средба со граѓаните на градскиот плоштад.

Да не импровизираме и да не пронаоѓаме решенија на своја рака. Јасно ни е дека процесот е доста комплексен и сугурен сум дека ќе биде долготраен и токму од таа причина бараме што поскоро да се започне со било каква реализација на идејата. Проблемот не е само локален, туку и национален, теба да е приоритет на државата и на сите локални смаоуправи во регионот. Треба да се обединиме сите како општество и да покажеме дека како заедница можеме да изградиме одржлива и здрава иднина за нашите деца, вели Симеон Карашов, член на Иницијативата.

Драгана Карашова, една од членовите на граѓанската инцијатива најавувајќи го утрешниот настан кој ќе се одржи на градскиот плоштад во 12 часот посочи дека станува збор за едукативен настан.

На истиот присутните ќе имаат можност да поразговараат со стручни лица кои што се членови и дел од иницијативата, да постават прашања во однос на… ние ги нарекуваме депонии, но тие се диви депонии, дури и тоа е титула да се стави, не е заслужена. Тоа се ѓубришта, Буково и Мауцкер. Да се разговара за тоа што значи да постои стандардна депонија, како онаа што е планирана, регионалната депонија во Новаци. И секако, да видиме и да поразговараме што значи да се соединиме како заедница, како општество, во решавање на еден ваков горлив проблем кој што е децениски и секако на настанот утре, граѓаните, нашите драги сограѓани кои што немале можност досега да изразат поддршка, како индивидуалци, ќе имаат можност да ја дадат таа поддршка со потпис на петиција, додаде Карашова.

Крајно време е да се преземат чекори преку тоа што ќе се информира јавност со тоа што се случува на Буково, вели активистот Александар Булески.

Преку запознавање на луѓето што се случува таму, мислам дека би презеле мерки и би почувствувале одговорност, клучна е свеста на нас самите што живееме овде. Не само во однос на селекција со отпадот, не мислам дека скоро ќе имаме фабрики за тоа, но воопшто, како го продуцираме отпадот и начинот на кој што менаџираме со тоа, сметам дека на тоа треба да се стави најголем акцент. За Буково конкретно, тоа е едно диво ѓубриште кое што е тука од 1973-та година чинам, веќе 50 години таму и еве ние како еден туристички центар во Охрид сеуште и денеска се мачиме со оваа горлива тема. Наша најголема надеж и клучот во сево ова ни е младината и самата свест. Додека ние се освестиме што се случува таму, што правиме со ѓубрето и како треба да менаџираме, мислам дека тогаш веќе ке имаме правец и за некое кратко време би се решило тоа, посочи.

Ѓорѓи Љатко, поддржувач на оваа иницијатива истакна дека проблемот со Буково сите го знаеме, не е вчерашен, не е нов, не е тазе, тој се влече со години.

Така и решението за овој проблем нема да биде лесно, сите сме свесни дека и за тоа ќе треба време, ќе треба напор, ќе треба сите да се вложиме за да се реши тој проблем за охриѓани.  Оваа наша иницијатива не е насочена кон некого, не е против некој. Се што сакаме да постигнеме е сакаме сите да ги прибереме кон нас, да ни се приклучат, да не поддржат, затоа што се работи за здравјето на сите нас, за здравчето на нашите блиски, на нашите идни поколенија и тука не знам кој не би се сложил тоа да го поддржи. На моменти сакам и луѓево малку да размислат, да помислат зошто ние сме ваква држава каква што сме сега, зошто не гледаме некои држави како што е Словенија, Љубљана, која е најчист град во светот, зошто не сме ние такви. Дали се тие поумни, дали нешто ни фали нас, ни недостасува. Има некој проблем и мораме да се свестиме и да размислиме зошто е тоа така, додаде Љатко.

Иницијативата „Збогум Буково“ досега е поддржана од над 50 организации, месни заедници и голем број на граѓани. Утрешниот настан започнува во 12 и ќе трае до 14 часот.

Н.С.Ј./А.М.

фото. Б. Стојаноски