Неформалната еколошка организација „Чист Охрид“ со предлог решение за дополнителни велосипедски патеки во Охрид. Предлогот се однесува за улицата „7 ноември“ од кружниот тек кај Центарот за возила Охрид, па сѐ до комплексот Отекс. Должината на целиот овој простор во една насока е нешто над 700 метри или околу 1 километар и 400 метри од двете страни, што би значело дополнително зголемување на должината на велосипедски ленти во градот, велат од „Чист Охрид“
Од двете страни улицата располага со две пешачки површини меѓу кои има зеленило. Веројатно во минатото биле замислени како за пешаци, така и за велосипедисти. Делот кој е веднаш до улицата е идеален за велосипедски патеки, по примерот на булеварот „Туристичка“, но и по примерот на други градови каде има слични решенија, истакнаа од Чист Охрид во соопштението испратено до медиумите.
Од организацијата побараа од Општина Охрид да ја разгледа и реализира ваквата идеја со што ќе бидат унапредени условите за велосипедистите во градот.
Моменталната состојба на тротоарот е лоша, па оттука првично би била неопходна негова поправка и уредување, а веднаш потоа и фарбање, како и соодветно нивелирање и уредување на рабниците согласно стандардите за градење велосипедски патеки, велат од Чист Охрид.
OhridNews