Албанија најави засилен инспекциски надзор и серија  мерки за заштита на рибниот фонд во Охридското Езеро.

-Во тек е формирање на инспекциска служба, која ќе го контролира стопанскиот риболов, а со цел да се спречи неконтролиран излов на мрежите ќе бидат поставени електронски чипови со што ќе се исклучи можноста од употреба на нестандарден рибарски алат со кој неселективно се лови рибата-изјави Аријан Мероли од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Тој истакна дека од година во година се намалува интересот за рибарење на албанската страна од Охридското Езеро, за што според него говори фактот што бројот на рибари од 660 во 1990 година денес е сведен на 102.

Во Албанија, за разлика од Македонија каде на сила е целосна забрана, стопанскиот риболов е дозволен, освен во периодот од 15 ноември до 31 март кога се мрести пастрмката. Во 2007 година биле изловени 7,8 тони пастрмка, а во 2008 година 8,4 тони, информираше Мероли, кој истакна дека се преземаат и мерки за ревитализација на рибниот фонд.

– Годинава Албанија изврши порибување на Охридското Езеро со 550 000 млади пастрмки, а се преземаат и други мерки за заштита на пастрмката и белвицата, додаде Мероли.

Според Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, проблемите можат да се решат само со унифицирање на законот за рибарство и усогласување на мерките, вклучително и забраната за риболов, од двете страни на езерото за чија заштита треба да се грижи заедничка управа.

OhridNews