Во изминаите четири години  општинскиот совет работеше не многу бурно. И во 2008 година имаше доста координации и пеглања на ставовите од страна на сите советнички групи, така што нешто бурно не  се случи. Вака ја оценува работата на Советот на Општина Охрид, претседателот Владо Чингоски.

Како најпозитивно на ниво на Македонија, Чингоски го потенцира  повторното влегување на општинските совети во одлучувачките тела на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, преку менувањето на Статутот  на ЗЕЛС.

„Тоа е еден голем исчекор напред зашто со ова, советите како прв орган во локалната самоуправа добија соодветно место предвидено со Законот за локална самоуправа.

Во врска со настаните кои што се случија на локално ниво во 2008-ма година, Чингоски вели дека е тешко да се издвојат позитивните од негативните, а да не се замеша политиката.

„Ако земеме во делот на културата и спортот, најпозитивни беа одржувањето на првиот фестивал на францускиот филм и европското првенство во ракомет  за жени  и ако одиме пошироко, онаму каде што локалната самоуправа не е организатор, тоа е успешното организирање и одржување на фестивалот „Охридско лето“, додава Чингоски.

Од негативните настани, претседателот на општинскиот совет го издвојува блокирањето на деталниот урбанистички план за урбаната заедница Бејбунар со која, како што вели се омаловажија ингеренциите на советот.

Ohridnews