Најголемо дно во политиката, етиката и филозофијата е лагата, a господата од  од ДПМНЕ лажат и тогаш кога кажуваат што сме кажале ние, изјави  претседателот на ОО СДСМ, Томе Чинговски, на прес конференција што се одржа денеска.

Одговорајќи на изнесените ставови  на кандидатот за пратеник од коалицијата „За подобра Македонија“, Анита Кипаризовска-Крстеска, Чингоски рече дека не знае какви  проекти, компјутери, нови сали, нови училишта и што друго ВМРО ДПМНЕ реализирало на преимер во Врапчиште, но во  Охрид  такво нешто нема. „Доколку почитуваната госпоѓа од ДПМНЕ кога прашувам за фискултурните сали мисли на салата во Велгошти  тогаш навистина се извинувам. Неа навистина ја изградија, но повелете погледнете на што личи таа. Тоа е руина од која почитуваната госпоѓа треба да се срами“, рече Чингоски.

Чингоски забележа дека кандидатите на ВМРО ДПМНЕ се шетаат по културните институции во Охрид, а покривот на Центарот за култура пропаѓа, а  пропаѓа и фрескоживописот во црквата Света Богородица Перивлепта, рече тој. Според него камен темелникот на Музејот на вода е уште еден маркетиншки трик на власта. „Очекував дека Кипаризовска на прес конференцијата ќе каже нешто за аферата со Арарат во ЕМО, бидејќи колку што се сеќавам таа во тоа време  беше вработена во правната служба во ЕМО. Зошто не свика прес конференција за тоа?“, рече Чингоски.

Претседателот на СДСМ –Охрид на прес конференцијата упати честитки до матурантите и соопшти дека во текот на утрешниот ден кога се прославува матурата, партијата ќе ги замрзне предизборните активности во Охрид.