Шест дена пред почетокот на изборната кампања министерот за финансии Трајко Славески одобрил масовно вработување на партиски војници во државната администрација, обвини денеска кандидатот за пратеник од коалицијата „Сонце“, Тони Чингоски.

„ Ова се копии од дописите од министерот за финансии Трајко Славески до Министерството за образование и наука, до Фондот за здравствено осигурување и до Центарот за социјални грижи во Охрид, со кои што се известуваат наведните институции дека се обезбедени финаниски средства за бараните вработувања, со датум од 5-ти Мај, 6 дена пред почетокот на изборната кампања“ рече Чингоски.


Претаседателот на охридските социјалдемократи обвини дека власта во текот на изборната кампања користи недемократски средства за да ги придобие гласачите.

„Еден по еден се повикуваат работниците во ЕМО кај директорот, и насекаде по државните претпријатија и институции, со отворени притисоци и закани, за да донесат најмалку 25 гласа за ДПМНЕ. Прво беа 10 гласа, ама сега се уплашиле, па го зголемиле бројот. Нема да ги имаат ни тие 10, нема каде да ги најдат, така што бараме под хитно да се прекине со ваквата пресија и нехуман однос врз вработените. Замислете, до сега ги казнуваа и ги плашеа вработените што биле активисти на СДСМ. А сега, почнаа да ги казнуваат на плата вработените, затоа што нивните синови и ќерки се активисти на СДСМ. Се прашуваме, до каде ќе оди ваквиот нивен крајно нефер, недемократски и непрофесионален однос кон нашите граѓани“, рече Чингоски.

Тој им порача на граѓаните да ги издржат притисоците, а на тие што ги прават  им најави дека по први јуни ќе одговараат кривично за злоупотреба на функцијата.


Чингоски денеска уште еднаш ги отфрли обвинувањата дека коалицијата „Сонце“ стои зад вандалското уништување на изборните билборди на коалицијата „За подобра Македонија“ и на ДПА и побара од МВР да ги открие сторителите и да преземе соодветни мерки против нив.

СДСМ денеска го најави централниот митинг на коалицијата „Сонце“ во 5-та ИЕ, што ќе се одржи утре вечер во 20:30ч. На градскиот плоштад во Охрид.

ohridnews