„Самиот факт што на Изборната конференција  мнозинството со 71 глас за, и без ниту еден против ме подржа како кандидат за преседател на општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија – Охрид, говори дека партијата нема никакви фракции и е единствена и мислам дека на Изборната конференција немаше победници и победени, туку победи СДСМ и демократијата во нашата партија“.

Ова во својот прв настап во медиумите го истакна новиот претседател на општинската организација на СДСМ-Охрид, Томе Чингоски, кој од вчера и официјално го презеде вршењето на функцијата.


Томе Чингоски

Чингоски смета дека општата клима во СДСМ  се стабилизира, како и во општинската организација во Охрид. „ Мислам дека со доаѓањето на новото раководство работите ќе тргнат во нагорна линија, ќе покажеме поголеми активности и со самото тоа ќе бележиме подобри резултати“, рече Чингоски.

Тој најави дека најпрвин ќе се ревидираат списоците на членството, а потоа согласно барањето на централата во Скопје, ќе се менуваат и претседателите на месните одбори.Ќе има и други активности, но и новини, за кои наскоро ќе чуе јавноста, рече Чингоски.

Новиот претседател на СДСМ-Охрид, е убеден дека партијата има интелектуален потенцијал да ги оствари зацртаните цели и да ги консолидира своите редови. Вистински тест за тоа ќе бидат наредните избори. Дотогаш и Чингоски и другите во неговата партија ќе треба да поработат за да го поправат слабиот рејтинг на СДСМ.

ohridnews
фото: Васко Бујароски