Не стивнуваат реакциите по одлуката на Министерството за култура за Град на културата во 2010 година да го прогласи Кавадарци. Најмногу забелешки има од Охрид, кој по седми пат конкурираше за град на културата.
Според пратеникот Томе Чингоски, изборот на  Кавадарци за град на културата во 2010 година е политичка одлука.

-Градоначалникот на Кавадарци е од вашите редови и затоа одлучивте тие стотина илјади евра да ги доделите на Кавадарци, а не на Охрид, затоа што градоначалникот на Охрид е од редовите на СДСМ, му се обрати Чингоски на премиерот Груевски на седницата посветена на пратенички прашања. Според него програмата на општина Охрид која содржи одбележување на големи јубилеји како 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Наум Охридски, 10 века од постоењето на Св. Софија, 30 години од како Охрид е прогласен за град на УНЕСКО и други, е далеку поквалитетна од таа на Кавадарци, кој беше избран за град на културата.

Од Министертвото за култура тврдат дека изборот е направен според понудената програма и дека тука воопшто нема никаква политика.

На обвинувањата на Охрид реагираше и општина Кавадарци, според која упатените забелешки за изборот на град на културата се некоректни. Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов истакна дека понудената програма е исклучително квалитетна и дека е време културата во Македонија да се децентрализира.

– Тајната на добивањето на манифестацијата е токму во менталитет на Кавадарци  кој дава топлина и позитивна енергија со вагони, а не ја дава на лажичка како што ја даваат некој други, рече Панов.

За реалзиација на програмата „Град на културата“, Кавадарци ќе добие 100 илјади евра.

Г.М.