Денеска ќе биде доконституирана новата локална власт во Охрид. На новите 23-ца советници напладне ќе им биде верифициран четиригодишниот мандат, а ќе дадат и ќе потпишат свечени изјави.

Охридската јавност со нетрпение го чека формирањето на советот и исходот, чие ќе биде мнозинството во ова тело.

Веднаш по првиот круг од локалните избори што се одржа на 22 март, кога се знаеја идните советници, започнаа и меѓусебните преговори кој со кого ќе коалицира, но оттогаш до сега, сеуште нема официјална потврда за склучен дил помеѓу советничките групи.

„ Нема одговор на ова прашање зашто сеуште се преговара со идните советници од НСДП, ВМРО-Народна партија, како и со независните советници“, вели координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Стефаноски.

И координаторот на СДСМ, Бранислав Трпчески потврдува дека се водат интензивни преговори и разговори со политичките партии кои имаат членови во советот, како и со независните советници за можно обединување на силите во локалната власт.

Кој со кого ќе се здружи и кој кому ќе му ја даде довербата, е неблагодарно да се шпекулира, зашто таквите типувања, барем за време на последните избори кога јавно и отворено се даваше поддршка на градоначалничките кандидати, во практиката покажаа сосема спротивни резутати.

Сепак, во политиката е се дозволено,па останува да го видиме исходот од преговорите кои одделно, со партиите и независните советници ги прават ВМРО – ДПМНЕ која има 9 и СДСМ со 7 советници.

Пред два дена, општинската изборна комисија му го врачи решението за извршување на градоначалничката функција на градоначаникот, Александар Петрески.

А.Ристоска