Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Чичаковски ги повика сите учесници на изборите да обезбедат фер и демократски избори со почитување на Уставот и законите во Република Македонија. Според него, утрешните локални избори се услов за натамошен напредок на земјата и ДИК ќе стори се за успешен изборен ден, пренесува „Макфакс“.

– Ги повикувам општинските изборни комисии и изборните одбори, а особено политичките партии да ги почитуваат сите позитивни прописи и сите заеднички да обезбедиме одлични оценки од меѓународните и домашните набљудувачи за целокупниот изборен процес, истакна Чичаковски.ДИК, според него, ги заврши сите активности за подготовка и организирање на Локалните избори 2017.

За Избирачкиот список повтори дека тој претставува добра основа за спроведување кредибилни и фер избори и оти тој е производ на постојната правна рамка и постојниот степен на точност на податоците кои се добиени од Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матични книги, основните судови и другите институции.

Бројката на пријавени болни и немоќни лица во споредба со локалните избори во 2013 година и предвремените парламентарни избори е помала, а тоа, според Чичаковски најверојатно се должи на упатството што ДИК го донесе уште пред парламентарните избори.

OhridNews
извор: „Макфакс“