На вондредната он-лајн седница Владата вечерва донесе одлуки за погребот на настраданите во пожарот во Кочани, кој ќе се одржи утре, 20 март, какои протокол за известување на медиумите, а се со цел достоинствено испраќање на жртвите од страотната несреќа што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во која животот го загубија 59 лица.

Владата ги донесе следните чекори:

1. Државните институции се задолжуваат да препорачаат на локалната самоуправа и работодавачите од приватниот сектор да ги ослободат од работа вработените на подрачјето на Кочани.

2. Здравствените, образовните установи и градинките треба да организираат вршење на услуги согласно потребите.

3. Министерството за внатрешни работи се задолжува да преземе потребни безбедносни и сообраќајни мерки.

4. Министерството за здравство, во соработка со Центарот за управување со кризи и Територијалната противпожарна единица на Кочани, треба да преземат мерки согласно нивната надлежност.

Марија Митева, портпарол на Влада

 

Владата, во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР) и во консултација со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), како и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите од трагичниот настан што се случи во Кочани.

За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови), посочи Митева.

Овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.

Имајќи ја предвид чувствителноста на оваа трагедија и универзалните етички стандарди за професионално известување, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон следниве етички принципи:

Почитување на личната болка и достоинството – Новинарите треба да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите.

Избегнување на сензационализам – Известувањето за трагични настани мора да биде ослободено од сензации, шпекулации или емотивно набиени наративи, фотографии и видеа.

Објавување на проверени информации – Треба да се пренесуваат потврдени факти за да се спречат дезинформации.

Зачувување на баланс и непристрасност – Медиумите треба да се осигураат дека нивното известување не придонесува за јавна вознемиреност.

Освен ова, потсетуваме дека Меѓународната федерација на новинари (IFJ) во своето соопштение од 18.03 за оваа трагедија, исто така ја истакна важноста на етичкото известување. Глобалната повелба за етика на IFJ ја подвлекува должноста на новинарите да го почитуваат достоинството на луѓето и да ја стават точноста над брзината при пренесувањето на вестите од овој трагичен настан.

Со цел да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе ПРЕСС обележја и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи.

Марија Митева, портпарол на Влада

Претходно членките на здружението Онлајнмедиа соопштија дека нивните редакции нема да ги снимаат и фотографираат погребите в четврток, на загинатите во пожарот во Кочани.

Во овој период на жалост, кога болката од згаснувањето на 59 животи е неизмерна, треба да се почитува приватноста на семејствата, а медиумите да известуваат одговорно и професионално. Бидејќи, загубата на овие млади животи е толку трагична и трогателна и воопшто не се потребни светлата на камери да сведочат за лелекот на скршените души кои ќе се збогуваат со своите чеда за последен пат.

Редакциите на членките на Онлајнмедиа одлучија да не се снимаат погребите на загинатите не само во Кочани, туку и во сите други градови во земјава. Исто така, членките на Онлајнмедиа нема да објавуваат видео записи и фотографии од погребите ниту од други медумски куќи.

И жителите на Кочани до медиумите упатија апел да не се злоупотребува трагедијата и тагата на луѓето за сензационализам и да се обезбедат достоинствени услови за погребите.

Здужение Онлајнмедиа

Г.М.