Авантуристичкиот клуб „Маунтајн Меднес“ викендов по четврти пат организира Планинско-езерскиот фестивал „Охрид-Галичица“, кој опфаќа авантура, планинарење, велосипедизам, логорување, забава и уживање.

Фестивалот на планината и езерото „Охрид-Галичица 2023“ започнува денеска претпладне со велосипедска тура околу Охридското Езеро и посета на локации на езерскиот брег. Турата се организира со цел да се одбележи денот на Охридското Езеро – 21 Јуни).

Настанот продолжува во попладневните часови со логорување во месноста Корита, каде што ќе биде организиран камп со логорски оган и уживање со звуците на гитарата.

Главниот настан на Фестивалот – искачување до врвот Магаро ќе се случи утре. Искачувањето почнува во 8 часот од месноста „Липова Ливада“ на 1.600 метри надморска височина.

Претседателот на клубот „Маунтајн Меднес“, Мишко Танески потсетува дека Галичица е планина сместена помеѓу двете најголеми езера во земјава Охридското и Преспанското, при што нејзините врвови нудат неверојатен поглед кон двете езера и околните планини.

Патеката е во должина од 9 километри и предвиденото времетраење за нејзино минување во двата правци е 5 часа. По враќањето од Магаро, ќе се организира забава на плажата во Авто-кампот „Љубаништа“ со жива музика и Ди-Џеј, сé до зајдисонце.

Жанко Голабоски од клубот „Маунтајн Меднес“ најавува дека во рамките на овој Фестивал се планира и есенско искачување на Магаро во септември, за кое датумот ќе биде дополнително објавен.

Не пропуштајте ја единствената можност во ист ден да бидете на врвот на планината и да се капете во Охридското Езеро, потенцира Голабоски.

Организаторите нагласуваат дела со оглед на тоа што Фестивалот вклучува повеќе настани, од вело тура, логорување, искачување на Магаро, забава на плажа… избор на учесникот е во која ќе се вклучи, а може да направи и комбинација.

За време на акцијата за сите учесници, влезот во НП „Галичица“ ќе биде слободен. Обезбеден е автобуски превоз од Охрид до стартот и назад по симболична цена. Секој учесник треба да поседува планинарска опрема, храна од ранец и 1,5 литар вода.

Учесниците одат на своја одговорност и за секое непочитување на маршрутата и правилата поставени од организаторот сами одговараат за последиците, додаваат организаторите.

OhridNews