Три лица загинале, а 28 се повредени во немирите што избувнаа денеска околу американската амбасада во Тунис, јавува AFP повикувајќи се на тамошното министерство за здравство, додека во Египет полицијата пронашла тело на маж со огнострелна рана во близина на американската амбасада, пренесува „Макфакс“.


Демонстрантите го запалиле и американското училиште во главниот град Тунис, а репортерот на Reuters јавува дека стотина разјарени луѓе гневни поради филмот „Невиноста на муслиманите” кој го навредува исламот и пророкот Мухамед, успеале да продрат во американската амбасада и се судриле со специјалците.

Напаѓачите на абасадата викале „Обама, Обама, ние сите сме Осама”.

Претходно туниската полиција отвори оган за да ги спречи демонстрантите да продрат во комплексот на амбасадата на САД, при што беа ранети други пет лица, а повредени беа триесетина. Сѐ уште не се знае дали полицијата пукала со гумени или со боеви куршуми.

Во комплексот на американската амбасада избил голем пожар, кога демонстрантите ги запалиле дрвјата и почнале да ги кршат прозорците на главната зграда.

Египетската полиција пронајде тело на еден човек со прострелна рана на пристапот до зградата на амбасадата на САД, која во моментов се обидуваат да ја демолираат радикални демонстранти бесни на американскиот филм „Невиноста на муслиманите’, јави порталот Al-Masri Al-Yaum, повикувајќи се на полициски извори.

Оваа е прв смртен случај во неколкудневните масовни анти-американски протести во Каиро, во кои се повредени повеќе од 200 луѓе. Според податоците на египетското министерство за здравство, во безредијата се повредени педесет припадници на безбедносните сили, а исто така има имногу затруени со солзавец кој го користела полицијата за растерување на демонстрантите

По традиционалната петочна проповед, илјадници луѓе низ Египет излегоа на централните плоштади во градовите за да протестираат против филмот „Невиноста на муслиманите”.

Во Каиро немирите продолжуваат веќе трет ден, а демонстрантите се обидуваат да се пробијат до зградата на американската амбасада. Целта на оваа акција, како штпо велат радикалите, е да се издејствува целосна евакуација на американската амбасада во Египет и прекин на дипломатските односи со Вашингтон. Репортерите на агенциите јавуваат дека секој час се зголемува бројот на демонстрантите пред американската амбасада. Некои од демонстрантите се обидуваат да се искачат на бетонскиите блокови поставени во петокот наутро на пристапите кон зградата на дипломатската мисија. Полицијата користи водени топови и солзавец за растерување на толпата.

Попладнето од американската амбасада во Каиро со голема брзина излегле неколку комбиња сопственост на амбасадата, кои биле гаѓани со камења. Засега нема информации за тоа кој бил во возилата и што тие пренесувале. Во меѓувреме, според информациите на египетскиот портал Аl-Yawm Аl-Sabia, во Каиро, и покрај тоа што ситуација е опасна по животите на американските дипломати, пристигнала американската амбасадорка во Египет, Ен Петерсон.

Протестаните, исто така, ја избркале од местото на протестите репортерската екипа на американската телевизиска мрежа CBC, забранувајќи ѝ да се појавува на местото на настаните.

Претходно во протестите по истиот повод еден демонстрант е убиен во суданската престолнина Картум во обид на полицијата да ги растера демонстрантите од пред американската амбасада, а во сличен инцидент настрадал Либанец а уште 25 се повредени во северниот дел од земјата.

Масовните протести против скандалозниот филм предизвикаа масовни протести во муслиманските земји во арапскиот свет и во Азија. Во Либија, во вторникот навечер во градот Бенгази радикалите ја нападнаа американската амбасада, при што загинаа четири лица, вклучувајќи го и американскиот амбасадор.

Револтот од филмот кој го навредува исламот денеска изразија група млади демонстранти кои протестираа пред централната Гази Хусреф-беговата џамија во Сараево.

Протестантите во главниот град на Босна и Херцеговина истакнаа транспарент на кој пишуваше „Смрт на филмот Невиност ана муслиманите“ .

OhridNews
извор:„Макфакс“